Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон тврди дека доколку тој го возел болидот на Серхио Перез, борбата со Макс Ферстапен за светската титула би била многу потешка и понеизвесна.
Во последните трки Ферстапен беше недостижен за своите ривали, но Чеко имаше и неколку грешки во квалификациите, па пред Белгија беше далеку зад клупскиот колега во генералниот пласман и покра тоа што го задржа второто место. Макс сега има 125 поени предност пред Перез, а Хамилтон објасни дека доколку тој го возел болидот на мексиканскиот ас битката за титулата би била сосема поинаква.
„Невозможно е да се победи Ред Бул во моментов, освен ако не се откажат“, призна Луис. „По круг тие се побрзи за 0,8 секунди, па дури и цела секунда од кој било друг. Тоа е реалноста. Не можам да сторам ништо околу тоа. Дали сакам да бидам брз како Макс или Чеко? Секако. Дали сакам автомобил како нивниот? Секако. Да бев во болидот на Серхио, на Макс немаше да му биде лесно како што е сега. Но, не е така во животот“