Исламската верска заедница во Северна Македонија ужива висока доверба меѓу своите верници во државата, покажува најновото истражување на „Религија.мк“ и „Институтот за политички истражувања – Скопје –ИПИС“, поддржано од Фондацијата „Конрад Аденауер“ – КАС, дел од проектот за анализа на перцепцијата на јавноста во мулти-религиски општества.

Од Фондацијата „Конрад Аденауер“ денеска соопштија дека истражувањето во кое биле опфатени само муслимани, покажува дека во ИВЗ доверба имаат 66,7 проценти од анкетираните, од кои 22,8 проценти се изјасниле дека имаат „целосна доверба“, додека 43,9 отсто одговориле со „донекаде да“ имаат доверба. Само 4,8 проценти велат дека „воопшто немаат“ доверба во ИВЗ, како институција.

Според резултатите од истражувањето, поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаху ужива највисока доверба меѓу верниците, „целосно“, или „донекаде“ доверба во него имаат 56,1 процент  од анкетираните. Висок процент на доверба уживаат и муфтиите и имамите.

-Во тој контекст муслиманите во Република Северна Македонија повеќе би побарале помош за решавање на проблеми од својот имам, отколку од државните институции кон кои всушност треба да се насочени за помош при одредени предизвици со кои се соочуваат, се наведува во соопштението.

На прашањето „Дали за решавање на проблеми/предизвици попрво би побарале поддршка од државните институции, или од вашиот Имам?“, 35,8 проценти проценти како опција го избрале Имамот, додека 32,3 проценти државните институции.

Високи 70,8 проценти испитаници одговориле дека „религијата во нивниот секојдневен живот има големо, или донекаде големо влијание“ .

Кај испитаниците се поделени мислењата околу тоа дали постојат одредени процеси кои се поврзани со надворешни влијанија од политиката, што се рефлектира и во перцепцијата при избор на поглавар и муфтии.

Околу прашањето „Дали ИВЗ треба да има, или не треба да има политичко влијание во јавниот живот“, мислењето било повторно поделено. Дека треба да има, или донекаде да има влијание се определиле 41,4 проценти анкетирани, додека 40,2 отсто сметаат дека ИВЗ не треба, или донекаде не треба да има политичко влијание во јавниот живот.

Истражувањето, како што стои во информацијата, открива дека за поголемото мнозинство на муслиманите во државата поважна е верската припадност, отколку етничката.

Исто така, истражувањето покажало оти верскиот радикализам е предизвик за муслиманите во државата, од кои 10,5 проценти од испитаниците сметаат дека тој постои кај поголем дел од популацијата, додека 25,4 проценти сметаат дека верски радикализам има кај одреден дел од популацијата.

-Носењето шамија е личен избор и со оглед дека е дел од традиционалната облека кај жените муслиманки на овие простори, за разлика од хиџабот и особено бурката, шамијата е прифатлива за најголемиот дел од муслиманите во Р.С. Македонија. Истражувањето потврдува дека најголемиот дел, или 98,7 процент од муслиманите во државата се припадници на Сунитскиот ислам и огромно мнозинство, или 94,8 проценти од нив се декларираат како религиозни, или донекаде религиозни. Во тој контекст висок е процентот на оние муслимани кои практикуваат да постат, се наведува во соопштението.

Истражувањето било спроведено во периодот од мај до јуни годинава и биле вклучени 1 116 испитаници, а во примерокот се запазени сите релевантни социо-демографски карактеристики на населението во државава од исламска вероисповед. Маргиналната грешка е помеѓу +/-3.2 проценти со 95 проценти интервал на веродостојност.