Шкендија го победи Хаверфордвест, претставникот од Велс, со 1-0 во првиот квалификациски натпревар од Конференциската лига на УЕФА. Сите очекуваа поубедлив триумф на тетовскиот тим, но тренерот Ардијан Нухиу ги пофали фудбалерите и најави дека многу брзо Шкендија ќе ја подобри и ефикасноста.
„Имавме противник кој беше многу дисциплиниран, ни остави многу малку простор за игра и беше определен да го чува сопствениот гол. Создадовме доволно шанси, можеби недостигаше малку повеќе среќа за да постигневме уште некој гол, но задоволен сум од играта на тимот. Сепак е ова прв натпревар во новата сезона. Момците покажаа карактер, а посебно ми се допадна како се справуваме со ситуациите кога противникот ќе тргне во противнапад. Сега знаеме многу повеќе за противникот, ќе ги анализираме повторно и одиме во Велс да победиме и на реваншот“, изјави Ардијан Нухиу.