Џордан Хендерсон е најновиот фудбалер од врвен европски клуб што се согласи на трансфер во Саудиска Арабија, откако капитенот на Ливерпул ја прифати понудата од Ал Етифак.
Иако вчера беше обелоденето дека Хендерсон нема намера да си замине од „Енфилд“, последните 24 часа донесоа сериозен пресврт во ситуацијата. Последните разговори што тој ги имал со поранешниот соиграч Стивен Џерард, кој од минатата седмица е нов тренер на Ал Етифак, вродија со плод, па Хендерсон ја прифатил понудата со која ќе зема речиси три пати поголема плата од она што моментно го заработува во Ливерпул.
Капитенот денеска имал и средба во четири очи со Јирген Клоп, на која му ја соопштил својата одлука на тренерот на Ливерпул. Германскиот стратег нема да стои на патот на англискиот репрезентативец, но од друга страна Ливерпул дефинитивно нема да го пушти Хендерсон да си замине без никаква отштета.
„Црвените“ неофицијално ќе бараат 20 милиони фунти за да дадат зелено светло за трансфер, па останува да се види како ќе течат преговорите меѓу клубовите во наредните денови.