Членките на Г7, денеска на самитот на НАТО во Вилнус, треба да ратификуваат долготраен пакет на безбедносна помош за Украина. Тоа ќе вклучува воена опрема, обука и размена на разузнавачки информации, пренесува Би-би-си. Ова доаѓа еден ден откако украинскиот претседател ја критикуваше неподготвеноста на НАТО да му понуди на Киев временска рамка за приклучување во алијансата.
Британскиот премиер Риши Сунак рече дека договорот ќе испрати силен сигнал до рускиот претседател Владимир Путин.
„Сојузниците на Киев ги засилуваат своите формални аранжмани за заштита на Украина на долг рок. Не смееме да дозволиме да се повтори она што се случи во Украина. Поддршката на Киев на патот кон членството во НАТО, како и на формалните, мултилатералните и билатералните аранжмани од страна на членките на НАТО ќе испрати јасна порака до рускиот претседател и ќе го врати мирот во Европа“, додава Сунак.
Американскиот претседател Џо Бајден претходно предложи модел за Украина сличен на договорот на неговата земја со Израел. Според тој договор, Вашингтон се обврза да обезбедува воена помош од 3,8 милијарди долари годишно во текот на една деценија. Но, за разлика од членството во НАТО – ова не вклучува клаузула за директна помош за време на напад.
Соопштението на Г7 доаѓа откако НАТО рече дека не е време Украина да се приклучи на воената алијанса, одложување кое Зеленски го нарече апсурдно.