Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ

Како што претпоставив и најавив, протестот што МПЦ-ОА го организираше на 29 јуни не донесе ништо добро и беше само уште еден чекор во злоупотребата на разликите и поларизацијата во општеството.

МПЦ-ОА, како после секој протест, треба да си ги собере „плодовите“ на омразата, иако не верувам дека има волја за такво нешто, а и залудно би било. Го „осоколија“ членството… ууупсс, се извинувам – верниците, и сега шират омраза на најјако.

Еве да бидеме ние, односно јас, коректен и ќе кажам дека тоа, всушност, не се верници. Не се сите верници. Станува збор за религиозни екстремистите и клерофундаменталисти, ама тоа, помалку или повеќе нивни личен проблем, но за МПЦ-ОА тоа е многу голем проблем бидејќи тоа го прават во име на МПЦ-ОА.

Надвор од секој здрав разум е тука да ги пренесеме сите закани и гнасотии што излегуваат од устата или од „перото“ на овие луѓе кои со таква омраза се нафрлија врз Румена Бужаровска, Билјана Секуловска, Огнен Јанески… да споменеме само малкумина од сите кои во овој период се мета на омраза, а најмногу, во невидени размери активистите на ЛГБТ+ заедницата. И не само на омраза, туку и на директни закани по нивниот живот и животот на нивните најблиски.

Колку лесно се расфрлаат некои луѓе со омраза, закани, гнев и агресија, без воопшто да помислат за последиците од нивните зборови и за одговорноста што ја имаат за секој јавно искажан или напишан збор.

Наместо дијалогот на љубовта овие луѓе го избрале монологот на омразата, а „омразата ја валка душата“, рекол старецот Порфириј.

По логиката „сенародниот собир против законот за родова еднаквост и законот за матична евиденција“ на МПЦ-ОА требаше да биде пат за изнаоѓање решение, за отворање на дијалог, Но, за жал, уште од почетокот беше поставен на основите на омразата. Беше повик на „или-или“, на „конечност“, дека дошло „Време е за одлука! Време за конечен избор! Или нормалност или ненормалност, сега избираме!“…, а секому му е јасно дека патот поплочен со омраза не стигнува никаде. Тоа е слеп пат.

Оттаму, било какво релативизирање на цунамито од омраза што го поттикна МПЦ-ОА може да се оцени како навреда на интелигенцијата на секој разумен човек, затоа што Европскиот суд за човекови одамна оценил дека „поттикнувањето омраза не мора неопходно да инволвира повик за извршување на акти на насилство или други криминални дела“, туку може да станува збор и за „напади врз лица извршени со навредување, изложување на исмејување или клеветење на одредени групи од населението“.

За да биде иронијата видлива и безобразна, кога го најавија „сенародниот“ протест, го бранеа правото на слобода на изразување, но и пред и после протестот стана јасно дека огромен дел на поддржувачите на оваа иницијатива на МПЦ-ОА, на слободата на изразување ставија знак за еднквост со говорот на омраза со кој се деградира, омаловажува, навредува и се поттикнува нетолеранција, непријателство, па и закани за насилство кон другите и инакуразмислувачките.

Како за завршница на оваа колумна, бидејќи неколку пати претходно се обидував да повикам на разумност со цитати од преданијата на црквата и светите отци, еве да пробаме и со искази на личности што пострадале од омраза, но сепак никогаш не се откажале од тоа да љубат и повикаат на разбирање и помирување. Нелсон Мандела рекол: “Никој не се раѓа мразејќи друг човек поради бојата на неговата кожа или потеклото или верата. Луѓето треба да научат да мразат, а доколку еден човек може да научи да мрази, тогаш тој може да научи и да сака; љубовта влегува во срцето на човекот природно”.

Превземено од Рацин.мк