Пишува: ЉУБИША НИКОЛОВСКИ

За Македонија можеби има надеж, покажа лидерската средба, на големо изненедаување на сите. Тројцата лидери на најголемите политички партии се сложија барем „околу нешто“ што е важно за земјата, иако само двајца од нив беа на таа средба.

 

Отстапки направија сите. И тоа големи.

Ковачевски се симна од тронот на власта и понуди да ја дели по пола со ВМРО ДПМНЕ. Мицкоски не без условно, но ја прифати потребата од уставни измени, а Ахмети се откажа од власта и прифати да биде надвор од неа само заради продолжување на европскиот пат на земјата!

Се случи нешто, што до ден пред тоа беше незамисливо. На некој начин се постигне некакво национално единство, но не сфатено како етничко, туку како државотворно. Затоа што во него несебично се вложија сите партии од сите етнички заедници.

Се разбира сето ова се времени решенија, до наредните избори, а потоа секој по својот утврден пат. Но сепак ова можат да бидат вистински одлуки, во вистински момент па макар тој траел и само еден миг.

Некои можеби ќе ги критикуваат, но тоа сега не е најважното, секогаш ќе има незадоволници. Важно е мнозинството да ги подржи, а лидерите да опстојат на она за што покажале подготвеност да го направат во интерес на граѓаните и на државата Македонија.

Ако успеат со натамошни средби и разговори да испеглаат одредени разлики кои очигледно сè уште постојат во некои детали, тогаш ќе може да се каже дека се надминале себеси, ги премостиле суетите барем за кратко и оставиле простор за нешто поголемо.

Но поучени од минатото искуство на Балканот, дека зборот не вреди ни пет пари, а дури и потпишаните договори бргу се прогласуваат за „лист тоалетна хартија“, важно е бргу да се делува и да се најде модус кој кажаното ќе го претвори во конкретна акција.

Ако тоа не се случи, ќе се обистини онаа анегдота, кога еден од странските посредници на Балканот прашал па добро кај вас ништо не се почитува ни збор ни договор, тогаш што е она по што се поведувате како принцип во животот? А учесникот во преговорите одговорил: „само меракот и инаетот“.

Меракот нека си остане, но од инает се знае што  сè може да се направи.

Сепак да си дозволиме искуствено, да останеме уште некое време Декартовски сомничави, дека можеби лидерите, од лидери ќе се претворат во „пишман аџии“ и дека      сè што рекоа ќе го демантираат како погрешно протолкувано од страна на медиумите и да се вратат на старите позиции.

Тогаш ни нема спас. Гласал не гласал, сите биле исти. Вербата во партиите ќе опаѓа, а незадоволството кај граѓаните ќе расте.

Превземено од Фронтлине.мк