Владата ќе ја усвои нацрт- верзијата на работната група за уставните амандмани, откако Министерството за правда ќе го даде последниот збор за предлогот. Предлогот потоа ќе стигне во Собранието, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека постапката може да почне. Тој на неформална средба со новинарите рече дека консензусот меѓу партиите не е неопходен за почеток на формалната постапка.

„Од процедурален аспект, тоа не е пречка за процесот да започне и да продолжат преговорите. Од процедурален аспект не е невозможна мисија да се започне процесот со оглед на роковите и во текот на тие рокови да има време за расправа. Консензусот е неизбежен во оваа постапка, бидејќи ниеден дел не може да биде усвоен без консензус. Овој процес ги надминува интересите на мнозинството, тоа е државен интерес“, рече Џафери, пренесува Алсат.

Спроведувањето на уставните измени може да трае од 4 до 5 месеци. Првата седница може да биде закажана кога ќе поминат 30 дена од поднесувањето на нацрт-амандманите до Собранието. Потоа, има рокови за расправа во Комисијата за уставни прашања и на пленарна седница. Потребата од уставни измени треба да биде поддржана од најмалку 80 пратеници.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека амандмани може да се поднесат само за деловити за кои Владата ќе поднесе нацрт-амандмани, што значи, само за вклучување на малцинствата во Уставот. Ако предлагачот не го вклучи во нацрт-амандманот решавањето на 20%, пратениците не можат да предложат такво нешто во текот на постапката.

„Не можете надвор од тоа што е одлука за делување. Одлуката дава насока во кој дел ќе се прават интервенциите. Амандман се доставува за Нацрт амандманот. Тие не можат да предложат нов амандман. Нацрт-амандман согласно усвоената одлука дава предлагачот на иницијативата“, додава Џафери.

Дел од албанските партии изразија надеж дека со измена на Уставот за вклучување на Бугарите и некои други малцинства, тие би можеле да предложат и замена на 20-те проценти со терминот „албански јазик“.