Пишува: Фатмир Бесими
Граѓанските обврзници се безризична инвестиција којашто ќе им донесе приноси на граѓаните и ќе ја заштити вредноста на нивните заштеди од ефектите од инфлацијата и ќе ја унапреди севкупно сигурноста на нивното портфолио. Овие долгорочни хартии од вредност, што државата ќе почне да ги издава следниот месец, ќе донесат голем број придобивки, како за граѓаните, така и за економијата. Тие ќе ја поттикнат инвестициската активност, ќе ја намалат готовината во оптек – што е еден од начините за сузбивање на сивата економија, но и ќе влијаат и на натамошниот развој на пазарот на хартии од вредност во земјава, пишува во својата најнова колумна, министерот за финансии Фатмир Бесими.
Рочноста на овие хартии од вредност ќе биде две години, a минималниот износ за инвестирање ќе биде 10.000 денари, додека каматната стапка дополнително ќе се утврди, соодветно на финансиските пазарни услови.
„Имателите на државните хартии од вредност добиваат соодветна камата, како надоместок за нивната инвестиција. Воедно државните хартии од вредност се познати како најбезбедни финансиски инструменти. Преку инвестирање во новите финансиски инструменти на државата, граѓаните ќе ја заштитат вредноста на заштедите со кои располагаат. Дополнително, ќе се намалат притисоците кај потрошувачката, а со тоа и инфлациските притисоци“, посочува министерот за финансии.
Бесими во колумната се осврнува и на Стратегијата за развој на финансискиот пазар, усвоена од Владата на предлог од Министерството за финансии, а креирана преку инклузивен процес. Во рамки на Стратегијата се предвидува издавање и на други нови видови обврзници како развојни обврзници – кои ќе го поттикнат финансирањето на развојните проекти во земјата, зелени обврзници – кои ќе бидат наменети за проекти за унапредување и заштита на животната средина, како и проектни обврзници кои ќе бидат алтернативен начин за финансирање проекти поврзани со инфраструктура.
„Инвестициите се составен дел од економскиот раст. Новите инвестициски инструменти ќе ги придвижат инвестициите, јавните и приватните, а со тоа ќе го забрзаат растот со бенефитите што ги носи, како отворање нови работни места и подобрување на животниот стандард. Голем број од новите инструменти се врзани со реализација на крупни инфраструктурни проекти, што ќе придонесат кон креирање подобри услови за живот во земјата. Новите инструменти ќе придонесат и кон прудентно управување со долгот. Стратегијата за претпазливо управување со јавниот долг е преку портфолио кое е диверзифицирано по рочност, трошок и инструменти, да се дојде до најмал ризик по однос на одржливост и сервисирање на долгот. Со граѓанските обврзници каматниот трошок за буџетот ќе биде понизок од задолжувањето на меѓународните финансиски пазари. Ова е во контекст и на заложбите на државата за фискална консолидација, преку трошоците и останатите услови за финансирање. Бенефитите се многубројни, а има и многу простор за иновации на финансискиот пазар. Со јасна и добропоставена стратегија, верувам дека допрва ќе зборуваме за резултатите и придобивките од овие мерки“, пишува министерот Бесими.