Цената на нафтата падна на ниво пред пандемијата и пред почетокот на конфликтот во Украина. Но, зголемените цени како резултат на поскапената нафта не се намалија. Транспортерите не сакаат да слушнат за намалување на цените . Велат дека имаат и други трошоци кои ќе ја одржат висока крајната цена, пишува Алсат.

Од Здружението „Макам-Транс“ велат дека цената на транспортот на стоки надвор од државата го диктираат меѓународните цени на дериватите , а за транспортот во земјава наоѓаат други причини. Од здружението на камионџии велат дека платите се зголемени, а државата одбива да врати дел од акцизата.

Нема поевтинување ниту во автобускиот превоз.. Цените на автобуските билети се зголемуваат секогаш кога цената на нафтата се зголемувала. Но, сега кога 1 литар поевтини за 40-50 денари, не сакаат да ги намалат билетите за меѓуградски превоз. Велат дека имаат други трошоци.

Организираниот приватен превоз стана луксуз дури и за семејствата со среден приход во земјава. На релација Куманово-Скопје билетите во еден правец беа 100 денари, сега се 170 денари, додека за Тетово беа 120 денари, сега се 200 во еден правец. Трошоците за патување со автобус се речиси двојно зголемени поради економската криза, а војната во Украина значително влијаеше на порастот на цената на дериватите на светските берзи. Но и покрај стабилизацијата на светската економија, кај нас цените и натаму остануваат високи секојдневно оптоварувајќи ги искинатите џебови на граѓаните.