Со тежина од само 1,2 милиграми, новиот робот наречен FAIRY – што е кратенка за Flying Aero-robots based on Light Responsive Materials Assembly – е првиот летечки бот конструиран врз основа на меки материјали кои реагираат на светлина.
Роботот е инспириран од семето од глуварче и може да се користи на ист начин: неговите креатори се надеваат дека тој би можел да помогне во ублажувањето на загубата на природните опрашувачи (како што се пчелите) што моментално се случува во светот.
Користејќи светлина „самовилата“ се крева во воздухот и се контролира ширењето на нејзините „крилја“. После тоа, ултра-лесниот бот патува на ветрот и потенцијално би можел да се распрсне на големи растојанија, исто како и семето од глуварчињата.
„FAIRY може да се напојува и контролира од разни извори на светлина, како што е ласерски зрак или LED светлост“, вели микророботичарот Хао Зенг од Универзитетот Тампере во Финска.
„Звучи како научна фантастика, но експериментите со доказ за концепт вклучени во нашето истражување покажуваат дека роботот што го развивме обезбедува важен чекор кон реални апликации погодни за вештачко опрашување“, додава тој.
Роботот е направен од густи филаменти (влакненца), со дебелина од само 14 микрони, сите поврзани со свитлива лента контролирана од светлина која управува со отворањето и затворањето на ботот.
Истражувачите бараат начини како попрецизно да контролираат каде слетуваат овие ботови и размислуваат како би можеле да бидат и биоразградливи. Проектот треба да ги продолжи своите истраги до август 2026 година, откако започна во септември 2021 година.
Семките од глуварчињата можат да патуваат десет, понекогаш дури и сто километри во топли, суви и ветровити услови благодарение на нивниот генијален дизајн. Без потреба од батерија или директен извор на енергија, овие FAIRY ботови би можеле да го направат истото.
Извор: Advanced Science