Документите до кои дошле новинарите на ИРЛ и тимот на „Инсајт стори“ откриваат дека софтверот за следење на комуникациите, кој беше во центарот на меѓународен шпионски скандал, бил незаконски развиен во Скопје од страна компанијата „Сајтрокс“ и комплексна мрежа од фирми поврзани со израелскиот бизнисмен и поранешен висок чиновник од Израел, Тал Далијан

Според истражувањето, документи од поранешната Управа за контраразузнавање од 2017 година, во кои имале увид авторите на сторијата, покажуваат дека надлежните во земјава имале информации каков вид софтвер се развива во Скопје, но ги затвориле очите. Софтверот бил продаван во Ерменија, Египет, Грција, Индонезија, Мадагаскар, Оман, Саудиска Арабија и други земји. Во декември 2021 година канадската универзитетска организација „Ситизен лаб“ открила дека супериорниот софтвер се користел за незаконско следење граѓани

По аферата со незаконското прислушување во 2015 година, која доведе до отворање повеќе случаи од некогашното Специјално јавно обвинителство, за кои сè уште траат судски постапки, Скопје повторно е на картата на шпионски активности, овој пат како место каде што нелегално бил развиван и од каде што бил продаван шпионскиот софтвер „Предатор“.

Ова го открива новинарското истражување на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и тимот нивни колеги на „Инсајт стори“ од Атина, пренесува 360 степени.

Според истражувачката сторија, шпионскиот софтвер „Предатор“, кој низ светот го продаваше израелската компанија „Интелекса“, а во Грција и Египет се употребувал за шпионирање новинари, дисиденти и политичари, бил нелегално развиен и продаван од Скопје.

Документите до кои дошле новинарите на ИРЛ и тимот на „Инсајт стори“ откриваат дека софтверот за следење на комуникациите, кој беше во центарот на меѓународен шпионски скандал бил незаконски развиен во Скопје од страна компанијата „Сајтрокс“ и комплексна мрежа од фирми поврзани со израелскиот бизнисмен и поранешен висок чиновник од Израел, Тал Далијан, пишуваат во заедничкото истражување ИРЛ и „Инсајт стори“.

Според истражувањето, документи од поранешната Управа за контраразузнавање од 2017 година, во кои имале увид авторите на сторијата, покажуваат дека надлежните во земјава имале информации каков вид софтвер се развива во Скопје, но ги затвориле очите. Софтверот бил продаван во Ерменија, Египет, Грција, Индонезија, Мадагаскар, Оман, Саудиска Арабија и други земји. Во декември 2021 година канадската универзитетска организација „Ситизен лаб“ открила дека супериорниот софтвер се користел за незаконско следење граѓани.

Како што се наведува во клучните наоди од истражувањето, најмалку пет компании кои имале врски со „Интелекса“ биле регистрирани во Скопје помеѓу 2017 и 2020 година. Две од нив – „Сајтрокс“ и „Сајшарк“ се идентификувале како развивачи и трговци на софтвер. Доверливите документи до кои дошле ИРЛ и „Инсајд стори“ покажуваат дека Владата на Северна Македонија била информирана дека „Сајтрокс“ планира незаконски да создава шпионски софтвер и поднеле апликација уште во 2017 година. Експертите со кои разговарале новинарите велат дека Владата на Северна Македонија требало да дејствува за да го запре производството, но не успеала да интервенира.

Минатата година, според истражувањето, за „Предатор“ имало прашања од собраниската Комисија за надзор врз разузнавачките служби. На прашањата од пратеници членови на Комисијата од МВР соопштиле дека се водат истражни дејствија за да се утврдат околностите во кои што бил развиван и создаван „Предатор“, но конкретни одговори нема до денес.

Инаку, текстот со кој ИРЛ и „Инсајт стори“ почнуваат да ја расплекуваат приказната почнува со податокот дека на 19 јуни 2022 година пратеници од собраниските комисии за надзор на разузнавачките служби заедно со претставници на повеќе разузнавачки служби учествуваат на интензивен тренинг во Женева. Целта на тренингот, кој се случил непосредно по избувнувањето на два глобални скандала врзани со нелегално користење корпоративни софистицирани шпионски софтвери – „Пегасус“ и „Предатор“, е да ги подобрат нивните вештини за да вршат ефикасен надзор. Домаќин на тренингот е Женевскиот центар за демократска контрола врз безбедносните служби (ДКАФ), а темата е актуелна: „Високоинвазивни средства и малициозни софтвери: нивна цел и употреба“.

„Во електронската порака за добре дојде од водечкиот експерт на ДКАФ, која новинарите на ИРЛ и ‘Инсајд стори’ ја имаа на увид, на учесниците ќе им сподели и линкови до новинарски стории поврзани со ‘Пегасус’ и ‘Предатор’ како појдовна точка за инспирација и дискусија. Дотогаш во јавноста веќе ќе биде познато дека софистициран шпионски софтвер е продаван од ‘Интелекса’, компанија на поранешниот израелски висок функционер за одбрана. Првите информации ќе бидат објавени во средината на декември 2021 година од страна на Интердисциплинарната лабораторија на Универзитетот во Торонто. Нивниот извештај, меѓу другото, ќе открие и дека софтверот бил развиван во една од компаниите членки на таканаречената алијанса на ‘Интелекса’ – ‘Сајтрокс’ од Скопје управувана од Иво Малинковски, син на познат македонски производител на вино и трговец со оружје. Но, извештајот нема да понуди речиси никакви детали за нивните операции во Скопје“, се наведува во истражувачката сторија.

Ова било тема на разговор на тренингот во Женева, на кој тренерот Матеј Ковачки ги прашал македонските учесници што прават тие за да го расветлат ова вознемирувачко откритие.

„Се сеќавам дека сите гордо рековме: Па ние веќе изреагиравме и прашавме во Министерството за внатрешни работи, тие брзо ни одговорија дека преземаат истражни дејствија за да ги утврдат околностите и ќе не известат штом дојдат до одговори“,

раскажал во разговор со ИРЛ пратеникот Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи и актуелен пратеник и член на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање.

Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи и актуелен пратеник и член на собраниската Комисија за надзор над работата на разузнавачките служби/Фото: Архива
Групата, продолжува сторијата, повторно ќе се сретне пет месеци подоцна, во Маврово на 14 ноември 2022.

„Овој пат ќе присуствуваат и одредени високи претставници на Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Бирото за јавна безбедност и Агенцијата за разузнавање. Списокот на гости на ДКАФ во Маврово ќе го вклучи и поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност АНБ, Виктор Димовски. Терминот доаѓа по жешкото политичко лето во соседна Грција каде што дојде до дузина владини истраги и оставка на директорот на тајната полиција откако се откри дека со ‘Предатор’ бил заразен телефонот на Никос Андрулакис, претседателот на опозициската партија ПАСОК и новинарот Танасис Коукакис. Ова ќе отвори нови авении за дискусија, а пратениците ќе изразат нови грижи“, се наведува во истражувањето.

На средбата било поставено и прашање до тогашниот директорот на АНБ, Виктор Димовски, за тоа дали и Македонија можеби го користела овој софтвер.

„По одредено натегање, директорот Димовски кажа дека земјата има софистициран софтвер за следење комуникации, но не овој софтвер, дека не може да каже каков, но и дека досега ниту еднаш немале потреба да го користат“,вели пратеникот Павле Трајанов.

До денеска пратениците надлежни за надзор врз службите не добиле информации што се случува со истрага за утврдување на околностите во кои се правеле ваквите софтвери.

Целото истражување можете да го прочитате на македонски и на англиски јазик ТУКА и ТУКА.