Зголемените увозни цени ги променија замрзнатие цени на овошјето и зеленчукот.

На денешната владина седница донесена е Oдлука за изменување на Одлуката за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало и највисоката продажна цена на овие производи по објавувањето на одлуката во Службен весник ќе биде: до 95 денари за  килограм свежи домати, до 95 денари за килограм свежи краставици, до 70  денари за  килограм кромид, до 100 денари за килограм свежи зелени пиперки, до 95  денари  за  килограм грав, до 110  денари за  килограм леќа, до 75  денари за  килограм банани, до 60  денари  за  килограм портокали, до 65  денари  за  килограм мандарини и до 60  денари  за  килограм лимони.

Предлагач на одлуката е Министерството за економија, од каде го корегираат претходниот предлог по спроведените консултации со најголемите увозници на овошје и на зеленчук во Република Северна Македонија и според најновите податоци од Царинската управа.

Како што соопштија од Министерството поради претстојните празници, увозните цени се зголемени, особено кај свежите домати, свежите краставици, кромидот, свежите зелени пиперки, гравот, бананите, портокалите, мандарините и лимоните. За карфиолот се укинува ограничувањето на највисоката цена, а кај леќата цената останува непроменета.

Ваквото ограничување на највисоките цени на овошјето и на зеленчукот во трговијата на мало, останува да важи до 30 април 2023 година.

Пред овошјето и зеленчукот Владата ги „замрзна“ цените на основните прехрамбени продукти, белиот леб и тестените, некои основни млечни производи, јајцата и оризот.

Лажни фактури за плаќање помали давачки кон државата

Пред неколку дена Царинската управа изврши контроли на дел од увозниците на овошје и зеленчук и беше утврдено дека работеле со т.н. двојни фактури, односно едни за плаќање кон добавувачите а други, со помали набавни цени, за пријавување на царински давачки.

Токму ова придонесе Владата да ги корегира цените, откако претходно увозниците реагираа дека „замрзнатите“ цени се пониски од набавните.

Директорот на ДПИ, Горан Трајковски по направените контроли, меѓу кои и на Кванташки пазар, рече дека се земени потребните документи и се обработуваат. Истрагата треба да утврди како се лажирале увозните цени за да се избегнат царинските давачки. Едноставно кажано, некои си ги пријавувале реалните цени и си ги плаќале потребните давачки, што довело до фактот дека на крајот треба да продаваат со помала цена од набавната, додека други пријавувале помали набавни цени, избегнувале давачки и добиле високи маржи со до првичното замрзнување на цените. За сето ова најавени се и казни до 10.000 евра за прекршителите.

ДПИ, УЈП и Финансовата полиција допрва ќе утврдуваат и кој и за колкав износ преку лажните фактури го оштетил државниот Буџет.