Пишува: Тони ПОПОВСКИ
Неодамна го прославивме светскиот ден на театарот. Истовремено, секој ден „уживаме“ во политичкиот театар. Зборот театар потекнува од грчкиот збор „театрон“ и означува „место за гледање“ кое во архитектурата се однесува на објект или простор во кој може да се одигра претстава пред публика, а во политиката, се однесува на поширокиот комуникациски простор и безбројните сцени во кои се одвива политичката претстава за избирачите. По однос на политичката дебата за измените на Уставот, поставената сцена барем во моментов наликува на политички театар на апсурдот.
Зборот апсурд во македонскиот јазик го толкуваме како бесмилица, нелогичност, глупост или невозможност. Истовремено, апсурдот е централен мотив и на „апсурдизмот“ како филозофија во геополитички подем, заснована на верувањето дека универзумот е ирационален и бесмислен и дека потрагата по ред и поредок го доведува поединецот во конфликт со универзумот. Од друга страна, во теоријата на театарската уметност, театарот на апсурдот се поврзува со она што се случува кога човечкото постоење нема смисла или цел и следствено комуникацијата се прекинува.
Драмскиот писател Јонеску го дефинира апсурдот како нешто кое нема значење или е бесцелно и токму неговата прва драма „Ќелавата пејачка“ од 1948 година, се смета за фундаментално дело кое го определува театарот на апсурдот како правец во театарската уметност кој не губи на популарност низ годините, напротив станува се поактуелен. Како што објаснува референтната театарска критика, апсурдот во претставите на Јонеску (но и кај други стилски приврзани автори) има форма на реакција на човекот на свет очигледно без значење, или човекот е „одигран“ како марионета контролирана или загрозена од невидливи надворешни сили.
Стилот на игра во „апсурдните“ претстави е донекаде еклектичен во смисла дека се работи за трагикомедија но и модерен во смисла на современа фарса или пародија. Претставите се привлечни за гледање поради контрастот на водвиљот (одиграна бурлеска со песни и танци) со длабоко вознемирувачки сцени на хорор, терор и трагедија. Основната порака е во суштина спротивна на она што на прв поглед го гледате, и поврзана е со бесмисленоста да се очајува и покрај предизвикот да се прифатат околностите кои придонесуваат за таква духовна и емоционална состојба. Од таа причина, гледачите почесто излегувааат од овие претстави со насмевка отколку расплакани.
Сега, да се вратиме на нашето секојдневие, од макро кон микро, во обид да ја разбереме неговата апсурдност.
Апсурдна е војната во Украина за сите освен за руското водство и само неколку лојални претежно воневропски но и европски лидери на држави, како и дузина партиски лидери во европските демократии (со или без недостатоци) и хибридни режими. Апсурдно звучи негирањето на правото на постоење на Украина како држава членка на ООН, на украинскиот народ, јазик и култура.
Апсурдни се заканите за употреба на нуклеарното оружје, бидејќи водат кон глобална катаклизма која нема да ги одмине заканувачите.
Апсурдно е ЕУ да носи со консензус заеднички политики меѓу кои и заедничката политика за проширување, а од неодамна и заедничката надворешна и безбедносна политика, и притоа редовно да има држави членки кои активно го попречуваат нивното спроведување.
Апсурдно е како членка на ЕУ да употребите вето за пристапување на соседна држава – кандидат за членство, а истовремено сте сојузници во НАТО. Апсурдно е да сте членка на ЕУ, а да не го уважите правото на себеопределување и да не постапувате согласно начелото на грижа за зачувување на европскиот културен, етнички и јазичен диверзитет, токму од Повелбата на ЕУ која сте ја прифатиле, па ве зачлениле.
Апсурдно е да се очекува добрососедски однос помеѓу држави кои не се подготвени да ги трансформираат сопствените ригидни историографии (поврзани со конфликтни политички проекти, зачнати во подалечното трагично минато) во историски и образовни наративи кои согласно целите на ООН и повоена Европа, осигуруваат целосно меѓусебно признавање, помирување, почитување и разбирање, а преку тоа и одржлив мир, зближување и соработка.
Апсурдно е да се генерираат, а потоа злоупотребуваат емоции на еден наспроти друг европски народ, за внатрешно – политички причини, и да се дели еден народ во сопствената држава на „политички народи“ (популарно наречено поларизација), и покрај докажаната политичка профитабилност на кус рок.
Апсурдно е академиите како пантеон на науката и уметноста, да се натпреваруваат во испуштање колку е можно погласни, застрашувачки крици, пискотници и други звуци, папочни или подпапочни, за бугаризации или македонизации, и наводни тековни но и претходни, масовни идентитетски лоботомии на мозоците на стадото, наместо да се занимаваат со објективно истражување и објаснување на стварноста.
Апсурдно е да се поттикнува страв од и омраза кон 3500 неодамна попишани Бугари, наши сограѓани, на наша суверена територија и во наша заедничка унитарна држава, со тезата дека културно-идеолошки ќе мајоризираат 1074000 Македонци. Апсурдно е да тврдите дека тие 3500 се всушност над 100000 иако ги нема како такви во ниту еден регистер на население или на институција во нашата држава. Апсурдно е да тврдите дека тие 100000 земале пасош на соседот и дека тоа нема врска со сите претходни и тековни апсурди.
Апсурдно е да се дебатира за уставни измени без да се види предлогот за уставни измени. Апсурдно е секој од нас, за себе да си пишува амандмани и потоа сам да си ги коментира сопствените перцепции и гатања.
Апсурдно е да сакаме да се зачлениме во ЕУ, а притоа 95% од нас, а можеби и повеќе, не прават разлика помеѓу Европска Комисија и Европски Совет, ниту пак меѓу Европски Совет и Совет на Европа, или пак знаат дека постои Европски Парламент но едвај може да кажат точно име на едно семејство на европски партии, ниту пак знаат во кое европско семејство која наша партија е зачленета и што воопшто прави таму.
Апсурдно е да дискутираме за европски предлог на рамка за преговори, а притоа огромно мнозинство не знаме што претставува Меѓувладина Конференција со ЕУ, со кого точно преговараме и каква е квалитативно оваа маса на која барем во моментов седиме, во споредба со излитената маса во пристапната чекалница.
Апсурдно е да очекуваме дека нешто ќе се промени на подобро ако дозволиме последниот чин, согласно на стилските постулати на театарот на апсурдот, се врати на почеток.