Таткото на Ансу Фати жестоко го критикуваше тренерот на Барселона, Чави Ернандез. Тој смета дека Чави не му дава доволно можности на неговиот син и откри дека за проблемот разговарал со челниците на Барселона.
„Зошто Ансу не игра? Тоа е добро прашање, но прашајте го Чави. Немам одговор, но тој веројатно има. Можеби мисли дека Ансу е лош во одбраната. Тоа е негово право, но јас сум лут. Како татко, лут сум затоа што син ми игра премалку“, изјави Бори Фати.
„Ги повикав челниците на Барселона и им кажав дека заслужуваме многу повеќе. Значи зборуваме за „десетката“ на Барселона! Ме мачи ова што се случува. Дека играч кој е проект на клубот добива минута, две, три… Никогаш нема да зборувам лошо за Реал Мадрид бидејќи никогаш не знаеш што носи иднината“, се закани таткото на еден од најголемите таленти.
Тој откри и дека Ансу Фати не сака да ја напушти Барселона.
„Пред две години дојдовме во клубот со понуди, а тие не сакаа ни да слушнат. Ансу не сака да замине. Најважно му е да биде во Барселона, но за мене најважно е да игра.
Реал? Ансу не би го прифатил тоа, но никогаш нема да зборувам лошо за Реал бидејќи никогаш не знаеш што носи иднината“, истакна Бори Фати.
Ансу Фати, 20-годишниот крилен напаѓач, оваа сезона постигна шест гола и забележа три асистенции. На 38 натпревари тој доби вкупно 1341 минута. На последните три натпревари со Реал Мадрид играше двапати по една минута и еднаш одигра 21 минута. Поради малата минутажа во клубот, испадна и од шпанската репрезентација./Makfax/