Пишува: Владимир Перев
Дали навистина изборите се највисокиот демократски дострел на индивидуалната пројава на политичка определености и ангажирност? Да, но само ако се навистина слободни, демократски и со ангажман за неповредивоста на личноста на оние кои гласаат, но и оние кои ги бројат гласовите. Компликувано и малку нејасно, нели? Да, така е тоа кај нас, но и во некои други земји во светот!
Бугарија на 2-ри април спроведува парламентарни избори за уредување на ситуацијата во својата држава и за формирање на парламент кој на свои плеќи ќе ги преземе обврските кои му припаѓаат и за кои е задолжен да ги решава. Право на глас имаат сите бугари во светот, а секаде каде што има можност, бугарската држава и нивната ЦИК ќе постават изборни места и одбори. Тоа ќе се случи, а веќе стана и во Македонија. До тука сѐ е јасно!
Во Македонија има околу 120 илјади граѓани со бугарски пасоши, добиени врз основа на лична изјава и соодветни документи од предците, за припадноста кон бугарскиот етникум во Македонија. Приближно веројатно 2/3 (две третини, а може и повеќе) од бугарите во Македонија, со бугарскиот пасош се вон границите на државата, некаде низ земјите на Европската Унија. Значи, во Македонија остануваат околу 30 до 40 илјади македонски граѓани со бугарска идентичност, национална свест и соодветни документи. Тие би требало на 2-ри април да гласаат во изборните места низ Македонија. Дали е тоа така?
Не, не е така! Бруталната и насилствена кампања која се води против Бугарија, против бугарите, а специјално стигматизацијата на македонските бугари, дава поинакви резултати. Во Македонија за гласање се пријавени само 169 души, а се очекува да гласаат околу 300 до 350 души, што е рекордно ниска бројка. Најмногу пријавени има во Кавадарци, околу 42, следат Прилеп со 41, па потоа се Струмица, Тетово и други места. Во Битола се пријавени за гласање само 9 души, а во Охрид и Велес ниеден граѓанин со бугарско самосознание и документи, не поднел барање да гласа на овие избори.
Македонски јавни личности низ медиите даваат иронични изјави за “бугарскиот патриотизам на македонците со бугарско самосознание и документи“, говорејќи за дволичноста на истите и немањето желба на дело да ја потврдат својата “бугарска определеност“. Како дволични да се само македонските бугари, а оние “чистите“ македонци да се пример на коректност и патриотизам…исти се, сите понизни и исплашени, само со различни документи.
Коректно би било да се прашаме, дали некој некогаш се сетил да праша колку од србите во Македонија (околу 40 илјади) излегле да гласаат за изборите во Србија, дали гласале и зошто не гласале. За гласањето на албаците на изборите во Албанија, никој и не помислува да праша.
Логиката е проста – македонското општество не може да наложи насилни мерки кон ниту една од овие нации, тоа се нации потврдени со Уставот на РСМ и влезени во структурите на власта. Со македонските бугари тоа не е ситуацијата, па затоа врз нив се спроведува стигматизација, но и физичко насилие.
Македонија е веројатно една од последните земји на светот во која зборот “фашизам“ се изговара крајно неодговорно и од институциите на власта. Следствено на тоа, зборот “комунизам“ се смета за привилегија на една нација и држава. Македонските бугари се стигматизирани со некакво сопствено фашистичко минато, за тоа да се преточи како денешен фашизам во овај дел на македонската општност. Таа стигматизација завршува со неказнето насилие, како што беше случајот со палењето на Клубот “Иван Михајлов“ во Битола и стравичното претепување на Христијан Пендиков во Охрид, член на Клубот “Цар Борис Трети“! Ова насилие се продава како гордоста на македонските посткомунисти кои себе сѝ се сметаат на легитимни наследници на титовиот комунизам и онаа зандана на народите наречена СФРЈ. Тоа што Тито, заедно со Сталин и Хитлер беа најголемите тирани во Европа, виновни за смртта на милиони луѓе, во Македонија не поминува…комунизмот е болка за која нема лек!
Затоа, не е никаква енигма дека одзивот на избирателите за “бугарските“ избори е мал. Теророт, насилието и стигматизацијата дури и на малолетните членови на семејствата на македонските бугари, го даваат резултатот очитуван како апстиненција и незаинтересираност. Тука е пред сѐ неказнивоста на извршителите на насилствата, пасивноста на судскиот систем, а најмногу пристрасноста на претставниците на политичките институции и медиумите, како и покорноста, подреденоста на судската фела кон насилната власт.
Сепак, овие избори ќе бидат показател за демократскиот капацитет на Македонија. И не само тоа. Македонците со “бугарски пасоши“ нема да гласат ниту во земјите на ЕУ, плашејќи се од долгата рака на македонските институции како и од нивното медиското расчеречување во родната Македонија! Тоа се, исто така, факти!
Бугарија секако, на демократски, европски начин, ќе избере парламент. Изборот на влада ќе следи, со помал или поголем успех.
Затоа, излезноста и масовноста на “бугарските избори“ во Македонија е од суштествена важност, но најмалку за македонските бугари. Тие си го имаат своето место во декларациите на бугарскиот парламент, позициите на БАН, Македонскиот научен институт и на други институции. Нивните права и позиции се зацементирани во бугарското општество и никакви следни и подалечни избори, не можат да ги променат. “Бугарските избори“ во Македонија треба да се тест за демократскиот капацитет во земјава, која на гласачите треба да им ги овозможи правата на слободно гласање. Македонските бугари се дел од бугарскиот народ кој живее овде и нашата држава е должна да ѝм ги обезбеди правата.
Стигматизацијата на бугарите во Македонија е дел од фолклорниот менталитет на македонците, а насилието е продукт на илузијата, дека некој друг, по силен, оцртуван низ Белград и Москва, тоа го одобрува. Што побрзо ќе ослободиме од тие фолклорни илузии, толку побрзо ќе станеме конструктивен дел од оние кои патуваат кон Европа. Македонија конечно треба да излезе од “темната зона“, она пространство меѓу “комунизмот“ и “фашизмот“, заблудена во сопствената ролја во светската историја. Без оглед на руско-српските сојузници, борбата со Софија е изгубена! Останува само прифаќање на современите демократски капацитети, за кои искрено верувам, дека овој народ ги поседува!