Пишува: Владимир Перев
Во Гевгелија времето е секогаш убаво, а луѓето се секогаш љубезни. Затоа, ние тројца пријатели, во овие први топли ранопролетни денови се решивме да одиме на еднодневен излет до Гевгелија, градот на вештачката граница, место кое разделува, но и град кој спојува. Тројцата бевме на различни годинии, со различен сентимент кон местото, настаните и луѓето таму. Имавме и различни позиции по однос на историјата и сегашноста…нормално, вашиот автор беше најстариот по години и “најреакционерниот“ по убедувања. Тие нешта некако одат заедно, барем така мислел гробарот на Британската империја и пријателот на Тито, сер Винстон Черчил.
Гевгелија секогаш било мало место, но секогаш со богат градски живот. Населението, барем према архивските записи, имало богат политички и национален живот. Поделено на егзархиски и патријаршиски дел, со лесна предност на патријаршискиот-гркомански дел од населението, секогаш успевало да го одржи својот мир. На 14 јули 1895 година Гоце Делчев го формира првиот комитет на ВМОРО, а во 1896 година се гради егзархиската црква “Св.Св. Кирил и Методиј“.
За време на Втората Балканска војна грчката артилерија го бомбардира и зазема градот, за потоа 33 души католици, етнички бугари, да бидат одведени во заточение. Према сведочењата на католичките свештеници, грчката војска врши невидени колежи на населението во градот.
Новата, социјалистичка титова Југославија носи релативен мир, но во 1946 година е спроведен заплашителен судски процес против оние кои се изјаснувале како бугари од Гевгелија, па така 11 жители од Гевгелија, Богданци и Кавадарци, како што се Јоско Јосифов, поп Аврам, Георги Попгонов и други, се осудени на строги затворски казни. Гевгеличанецот, со бугарско национално самосознание, Лазар Камов, стар 50 години, е однесен во планината и убиен без суд и пресуда!
Гевгелија дава значајни, но малку подзаборавени личности од современото време. Од Гевгелија е и големиот деец на ВМОРО Илија Докторов, раководител на револуционерниот округ од 1903 до 1905 година. Тука се и дејателите на ВМОРО Иван и Тома Бајалцалиеви, а во средината на 20 век е познатиот протугеровистички војвода Георги Хаџимитрев Гевгелиски. За време на Втората светска војна, Георги Хаџимитрев организира силна контрачета за борба против партизаните, па 1945 година е суден, осуден на смрт и казната е извршена.
Но, не се само вмровците дел од гевгелиското општество. Тука е роден малку познатиот Васил Танев, член на ЦК на Бугарската комунистичка партија, кој е учесник на процесот во Лајпциг против Георги Димитров. Од Гевгелија е и Иван Дојчинов, член на КП на Шпанија и интербригадист во Шпанската граѓанска војна. Во Гевгелија е роден и познатиот грчки поет Георгиос Вафопулос.
Такво е нашето контроверзно и насилно минато. Денес за среќа, Гевгелија е познат како “Лас Вегас на Балканот“, преполн со коцкарници, кои на градот му носат профит и удобен живот на населението. Лекари, стоматолози, бербери и фризерки имаат бројни муштерии од соседна Грција, а грчките натписи на фирмите во градот говорат за неговиот просперитет и приоритети…приоритети далечни од бившите етнички поделби.
На 24 километри од Гевгелија, во пазувите на Кожуф планина се наоѓа познатото излетничко место “Смрдлива вода“. Во ова време на годината, местото беше затворено, но од уредените чешми бликаше сумпорната, лековита вода.
Сепак, симболот на Гевгелија, неговиот амблем, заштитен знак е името на бесмртниот војвода на ВМОРО Леонид Јанков. Нему му е испеана преубавата “Т’рба т’рби гевгелијско“, неофицијалната химна на градот. Секој знае да ја раскаже приказната за “каква правда, турска правда, три илјади на три мина“ и херојската гибел на војводата. Неговиот гроб, добро очуван и поддржуван, е во дворното место на црквата “Св. Спас“. Го посетивме. Видовме букети цвеќе и остатоци од свеќи, знак дека гевгеличани живеат со споменот на својот херој.
Гевгелија се гордее и со својот партизански херој, Ристо Бајалски, член на КПЈ од 1936 година и организатор на партизанското движење во гевгелиско. Бил член и на Првото заседание на АСНОМ. Сепак, малкумина знаат дека Ристо Бајалски е роден како Христо Бајалцалиев од познатото бугарско семејство Бајалцалиеви и дека неговата мајка е една од сестрите на Тодор Александров. Тоа ни говори за непримиримиот револуционерен и борбен дух на обречените семејства, за нивната служба на делото на слободата, без разлика дали се работи за националната бугарско/македонска, или класната слобода.
Денес сите овие ламенти се ненужни. Богат град, насменаи луѓе, преубави млади жени со деца во раце или колички, излезени на сонце, мир, култура и добро воспитание. Еден од малкуте града во Македонија кои навистина живеат.
Се враќаме назад кон Скопје, во топлото попладне. Сабајлината тргнавме напрегнати, со необјасниво чувство дека треба да побрзаме некаде. Сега сме смирени и помирени, како со себе сѝ, така и со околината. За нас Гевгелија веќе не е град на границата, тоа е светилникот на просперитетот за оние кои во некои минати, тешки времиња, останале поделени и често пати омразени. Ќе има ли и други такви светилници по нашите граници…освен во Гевгелија, нашите граници се вистинските идеолошки и национални наследници на веќе подзаборавениот паднат Берлински ѕид!