Зголемен е бројот на поплаки за дискриминација што ги добил Народниот правобранител во 2022 – биле поднесени 76 односно над 30 повеќе од претходната година, соопшти народниот правобранител Насер Зибери на отворањето ан конференцијата „Дали Република Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“ во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Бројот и видот на претставки, рече тој, се совпаѓа со наодите од анкетата на Центарот за управување со промени (ЦУП) и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и нагласи дека „тоа навистина загрижува ако се земе предвид дека постои и соодветна комисија (КСЗД) која исто така добива претставки по основ на дискриминација.

Според пристигнатите претставки и оние што Народниот правобранител ги отворил по сопствена иницијатива, најбројни се во областа на работа и работни односи, потоа пристап до други услуги, правосудство и управа, домување, образование, наука, спорт, социјална сигурност итн.

„Ме загрижува високиот процент на недоверба на граѓаните во институциите за заштита од дискриминација,  многу висок процент на граѓани кои не се охрабруваат да посегнат кон покренување инструменти за заштита бидејќи однапред се депримирани односно немаат доверба во институциите. Ова треба да ја загрижува Владата, но и Собранието зашто тие се фактори што ги креираат политиките“, истакна Зибери.

Исто така, рече и дека Владата и Собранието, кои ги поддржуваат овие национални тела за заштита на човековите права, со постојаното кратење на нивните буџети и несоздавање соодветни услови за функционирање, немањето доволно ресурси и кадар, не придонесуваат во позитивни резултати.

И институцијата што тој ја предводи – Народен правобранител, рече, поради постојаното кратење на буџетот не е целосно достапна за лицата што бараат остварување на нивните права, како во Скопје, така и во регионалните организации.

Според Зибери, за да се практикува толеранција наспроти дискриминација, во општеството треба да се создава култура на еднакви и фер можности. Голема улога имаат родителите при воспитувањето на децата за прифаќање на различностите, потоа наставниците тоа да го надградат, а не помалку важна е, рече тој, и улогата на медиумите.