Секогаш кога во Бугарија има избори, а во последните години ги има постојано, се навикнавме да слушаме сешто. Петар Стојанов најави дека ќе поднесе кривична пријава за ширење меѓуетничка омраза против Маричиќ.

-Не знам од каде Стојанов го извлекува тој заклучок, но јас знам дека не сум ширел меѓуетничка омраза. Тука имаме две групи. Едната што сака да гради мостови, а другата што сака да ги урива за собирање политички поени, вели Бојан Маричиќ, вицепремиер за евроинтеграции во емисијата СТУДИО 10 на ТВ24.

Тој додава дека ние како држава сме должни да откриеме кој ги прави тие етнички тензии во државата, а за тоа треба да се испитаат сите околности и судот да донесе одлука. Во однос на случајот на Пендиков, на пример, еден од напаѓачите има бугарско државјанство. Маричиќ додава дека во наш интерес е овој случај што поскоро да се расчисти.

-Ние со Бугарија имавме одлична агенда која функционираше до крајот на март. И тоа се гледа и по инраструктурата. Она што за мене е пресвртна точка е посетата на премиерот Кирил Петков на отворањето на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола. После тоа многу потешко одеа работите. Јас разбирам дека Петков имаше проблеми дома, но ние не се согласувавме со тој чин, вели Маричиќ.

Маричиќ вели дека нашата позиција е да имаме пишани договори за сите работи со Бугари за утре да не рече дека бара уште нешто. Ако работите се уредени, ако се крене ветото, потоа е тешко повторно да се воведе, додава тој.

-Целта на историската комисија е да најдеме заедничко читање на спорни работи од историјата или да се договиме дека имаме различно читање. Таа комисија е создадена да даде насоки и толкувања и од тоа не зависи нашиот влез во ЕУ, вели Маричиќ.

Маричиќ вели дека чекањето, или факторот време, во случајот со Грција се покажа дека не работи за нас и затоа е добро веднаш да се решаваат работите. Тој вели дека чекањето само ја зајакнува позицијата на Бугарија.

Проблемот со Бугарија стана и европски проблем кога Бугарија го стави ветото и оттука логично е во решавање на спорот да се вклучи и Унијата. Затоа и ни беше битно договорот за ФРОНТЕКС да го потпишеме на македонски јазик и тоа да биде назначено дека е македонски јазик, додава Маричиќ.

-Мислам дека Бугарија се почувствува охрабрена кога Франција стави вето на проширувањето со тоа што бараше промена на методологијата, оти такви сигнали немаше од страна на тогашната влада на Бојко Борисов во времето кога се потпишуваше Преспанскиот договор со Грција, објаснува Маричиќ.