Најголем предизвик со кој се соочува македонската влада е справувањето со енергетската криза, за што лани се потрошени 250 милиони евра од буџетот за субвенционирање на 80 отсто од цената на електричната енергија за над 650 илјади домаќинства и над 70 илјади компании, тврди вицепремиерот за економски прашања, Фатмри Битиќи, во интервју за ТВ Шења и порталот zoom.mk.
„За мала држава тоа е висока цена. Кога би ги имале овие средства, ќе можевме да се искористиме за развојни проекти, кои ќе имаа поголем ефект врз стандардот граѓаните“, вели вицепремиерот Битиќи.
Тој смета дека високата цена што ја плаќаме за справување со енергетската криза е резултат на погрешните политики од претходниот период кога речиси не се инвестирало воопшто во градење нови капацитети за производство на електрична енергија.
„Ние сме зависни од увозот на електрична енергија затоа што во најдобри години, од домашните извори сме задоволиле само 65 отсто од потребите додека 35 отсто од енергијата сме ја увезувале. За прв пат во јануари годинава сме произведувале 88 отсто од потребната енергија за земјата од сите производствени капацитети, термоцентралите, хидроцентралите и обновливите извори на енергија“, открива Битиќи додавајќи дека е свесен дека реактивирањето на термоцентралите може да има штети по животната средина, но дека ако не се прави тоа, штетите по економијата и стандардот на граѓаните ќе бидат уште поголеми.
Според него, годинава и во 2024 година ќе се вложат големи средства во нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, како што е сончевата енергија и ветерот, со што значајно ќе се намали потребата за увезување струја однадвор.
Одговарајќи на критиките од опозицијата за начинот како владата се справува со енергетската криза, Битиќи вели дека за 11 години од владеење на ВМРО-ДПМНЕ се инсталирани само три отсто нови капацитети за производство на електрична енергија или околу 13 мегавати, додека само лани сегашната влада преку инсталација на соларни панели се произведуваат 146 мегавати електрична енергија. „Годинава планираме големи инвестиции и ќе успееме да инсталираме околу 600 мегавати. Ова е целосна промена на структурата на енергетскиот баланс затоа што ќе замениме дел од електрична енергија која се произведува од јаглен, кој ја загадува животната средина, со обновливи извори на енергија, како што е сончевата енергија и ветерот“, уверува Битиќи.
Во врска со тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека вишоците на електрична енергија се продаваат за пола цела од увезената струја, Битиќи вели дека продадените вишоци не се увезена, туку произведена струја од нашите капацитети.
„Опозицијата свесно шпекулира со бројките. Точно е дека имавме вишоци одреден период, но не е точно дека сме продале со пониска цена. Ако цената на производство на еден мегават во термоцентралата во Битола е 70 евра, ние сме го продале за 230 евра, што значи дека сме направиле профит од 160 евра“, објаснува вицепремиерот за економски прашања.
Тој потсетува дека сите предвидувања на опозицијата дека струјата ќе поскапи за 90 отсто испаднале погрешни затоа реалното покачување е само седум отсто, а во наредниот период се очекува да се намалат цените како ќе се зголеми производството.
Коментирајќи ги гласините во медиумите дека граѓаните и компаниите имаат проблеми да ги поврзат сончевите панели во мрежата на ЕВН, Битиќи тврди дека тоа се дезинформации од опозицијата, која сака да внесе несигурност кај граѓаните.
„Ниедно домаќинство или компанија што сака да се поврзе во мрежата не се случило да не се поврзе. Ние целосно ја поедноставиме процедурата, нема потреба за градежна дозвола, само обичен елаборат и се известува општината за инсталирање на производствен капацитет на електрична енергија. На крај се потпишува договор со ЕВН за купување на вишоците на енергија по цена во која нема трошоци за дистрибуција“, тврди Битиќи.
Во интервјуто тој најави законски измени кои ќе дозволат формирање домашна берза за електрична енергија, со која нема да бидеме толку зависни од европската берза. Освен тоа, ќе се овозможи и монтирање на батерии за чување на вишоците на струја која ќе може да се користи во погодно време во иднина, а се размислува и за производство на струја од домаќинствата, кои можат да инсталираат поголема моќност, а вишоците да ги продадат со поевтина цена на ранливи категории на граѓани.
Р.З.