Легендарниот фудбалски тренер Мирослав Чиро Блажевиќ почина на 88-годишна возраст по долга борба со ракот. Болеста првпат му беше дијагностицирана во 2011 година, двапати ја победи, но третиот пат за жал не успеа.
Своето тренерско име го стекна во далечната 1982 година кога на Динамо, по 24 години чекање, му го донесе трофејот од југословенскиот шампионат. Со „сините“ следната сезона го освои и пехарот „Маршал Тито“, а подоцна во хрватското првенство со клубот од „Максимир“ беше шампион во 1993 и 2003 година.
Блажевиќ беше и шампион на Швајцарија, отккао во сезоната 1983/84 неговиот Грасхоперс беше најдобар во првенството, а една деценија претходно ја предводеше екипата на Сион до трофејот во Купот Швајцарија. Во неговите успеси секако може да се вброи и фактот што ја задржа Приштина во елитниот фудбалски ранг на СФРЈ, а Слобода од Тузла ја одведе во Премиер лигата на Босна и Херцеговина.
Иако тоа не му донесе трофеј, неговиот најголем тренерски успех веројатно беше авантурата на Светското првенство во Франција во 1998 година, кога хрватската репрезентација под негово водство го освои третото место. Како селектор, една деценија подоцна успеа да ја оживее репрезентацијата на БиХ, но сепак не успеа да ги одведе „змејовите“ на Светското првенство во Јужна Африка./Gol.mk/