Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА

Далеку е полесно човек да знае што нејќе отколку да знае што сака. До таа мера е полесно, што целото битие го тера да си идентификува дека нејќењето е сакање на спротивната опција, ако таа постои. И покрај тоа, од леснотијата на нејќењето не може да се заклучи дали индивидуата е свесна, автономна. Може да биде, но не мора да значи. Најголем дел од причините за не-критериумноста на нејќењето (во однос на освестеноста) е што работите што човек ги нејќе доаѓаат надвор од него самиот, па неговата моќ да ги спречува не секогаш зависи само од него. Но, истовремено, таа немоќ на поединечноста го тера да се разбуди, да се освести, да промисли рационално за дефинициите на она што го нејќе, да се најде себеси во однос на околината и мноштвото, да категоризира подобро и, најтешкото, правилно да ги стесни границите токму на генерализирањата и категоризациите – сите работи за кои вели „сите“, „сѐ“, „никој“ и „ништо“ и имплицитните уверувања врз нив. Така, на крај, за да се освести, мора да потроши скоро еднакво толку енергија на мислење, како кога уште на почеток рационално би знаел, уверен со целото свое суштество, што сака и да работи на тоа.

 

Како да ја употребиме емоцијата на поединечната немоќ за да се одбраниме од не посакуваната надворешна (од себе) работа? Да ја наречеме неа – проблеми А, или ситуација А или „мечка пред пештера“ – на мечката не ѝ е важно како се викате, од која раса, пол, националност сте итн. Како да се разбудиме во рационалност, како да престанеме да ја фрламе својата трошка моќ во рацете на надворешна структура Б (со стратегија Б, всушност), наместо да ја реализираме преку Б? Како дупките на немислењето да НЕ се пополнат со нечии желби, сакања, стремежи ЗА нешто сосем друго од А, (да ги наречеме колективно-надворешна агенда В)?

Оваа кружна равенка со три непознати го мачи секој граѓанин во нашево општество, а можеби и пошироко. Тоа е равенка на максимумите на поларизацијата (која сама по себе не смееме да ја идентификуваме со проблемот А!) по вертикала (интензитет) и хоризонтала (одделеност на двата максимуми), која, пак, воедно ја означува и широкоста (бројноста) на неутралноста, вистинска или пополнета од пропагандата. Многумина, чувствувајќи го сево ова на некое потсвесно ниво, велат – ексик, напорно е, не мислам, па што сака нека е. Можеби не се сосем спијачи, но ги болуцка стомакот, главата, нозете, во сонот, во полусвесен кошмар се.

Сите ние, мноштво спијачи и полуспијачи (ирационални или не сосем рационални единки во улога на гласачи) и дел рационални во нашето политичко општество ја формираме таа линија со „рокчиња” кај ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, што одговара на самиот изборен Донтов модел. Но, во огромниот рамен дел помеѓу максимумите, се вклучени и оние кои не се јавуваат (не дејствуваат) или се објавуваат за неутрални. Вториве се инструментализирани во пропагандно дејство кое намерно асиметрично нагризува по линијата. Би требало, како и секоја јасна асиметрија, да е голем поттик за будење. Уште и со олеснувањата на пропагандата да се пополнат или скокнат дупките во мислењето, некои добиваат имагинарна сила, да се „растепаат” со говор на омраза по – кого удрам – не жалам. Тоа е една интензивна  асиметричност која слично како и инструментализираната неутралност, би морала да биде сериозно протресување за будење на рациото. Тоа нешто, емоционално влијае на изборот на структурата Б и на комплицирање на проблемите А со поканување на некоја стратегија В, односно генерирање подлога за реализација на некоја свесна агенда В.

Рационалноста, или барем свесноста за дупки во мислењето се натпреварува со надворешната, инстант, базирана на авторитет или мноштво – убеденост (наместо внатрешна, со следства)  дека за да се отстрани проблемот А следува изборот Б. Окамовата острица е во условот – така што и В да ја нема. Но, со ирационалност плус Донтовиот изборен модел (тој е моторот на поларизацијата, да се сетиме), може да се згреши на многу начини: ако не се гласа, ако се фрла гласот во ветар за помали партии и ако се направи погрешниот избор од двете големи партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во суштина, негласањето на овие најмногу го надувува бројот на столчиња на следните големи партии – воглавно албанските, со оглед на излезноста на етничките албанци. Но таков е моделот.

Затоа, неутралните кои не дејствуваат, се сосем ирационални единки како негласачи, затоа што задолжително се на гласачки список, сакале тие или не, фактички се играчи во Донтовиот модел. Самоизолирани во огромната неутрална ливада, сите недејствувачи замислуваат дека се најобјективни, интелектуално супериорни во однос на „рокчињата” на линијата и со една салонска „елеганција“ не ја признаваат драстичноста на ситуацијата „мечка…“, баш до таа мерка за да би ја нејќеле.Таа своја салонскост ја изразуваат најмногу преку тоа што се ставаат „над“ А и според тоа, немаат причина да бираат стратегија/партија Б, а камоли да трошат мисла и да бидат ПРОТИВ В, за кое не се замараат дали постои. Тоа е страшен грев за една разгалена салонскост, да се биде против нешто – изборот им е само ЗА нешто од сите убави работи што им се нудат, според нив. Така, таа нивна идеја ЗА е – не со стремеж, сакање, желба, туку она, мрзливо ЗА – која од понудените црешички за бирање им е нај-најубава на светот, а што им е страшно заморно кога никој и ништо не ги задоволува нивните критериуми. Тие си сметаат дека другите се ирационални, а дека тие самите се рационални, затоа што тие се „над“ проблемите со „мечки“. Сите тие души си седат на пикник на неутралната ливада, верувајќи дека батлери трчаат околу нив, а нивно е само да одмавнат со рака кога треба да заокружат со пенкало. Инструментализираните неутрални, пак, со поинтензивни јавни делења памет (Данинг-Кругер го учи Данинг-Кругер тип) ќе се јават со сите свои надмени критериуми, без никаква врска со мечката што им стои пред пештерата и се преправаат во Ганди, се разбира, не на место.

Многу јасно, не можам да ја тврдам сопствената комплетна будност во оваа поширока ситуација, но се обидувам да најдам репери и асиметричности кои би ме довеле до одбранливо решение, со следства. Бидејќи сум нејќач на состојбите на неправда, образование што скапува, итн. – пополни натаму од сите проблеми „мечка пред пештера“,  јавно искажани од сите партии со свои соодветни стратегии за нивно решавање, верувам дека слично како мене, уште многу други луѓе сакаат да го стопираат влошувањето и, ако може, да се подобри ситуацијата. Но, прво мора да се стопира влошувањето, за кое сите партии се согласни дека е „мечката“ од системските, економските, институционалните проблеми. За стопирањето на влошувања, секаква неодлучност и неутралност е за осуда. Не смееме да бидеме депримирани од проблемите, туку мора прво да ги стопираме – истото што би го направиле при пожар или извирање на канализација дома. Сигурно нема да легнеме во кревет депримирани во незгодата, особено не, ако 30 години ни се случува. Практикување неутралност како надменост над содржината од канализацијата околу сопствените нозе е прилично смрдлива опција. Непартиципирање во гласање додека се наоѓаш на избирачки список е буквално предавање на сопствената моќ во рацете на други, а тоа е нешто многу, многу далеку од секаква памет, камоли интелектуалност. Или уникатност, ако уште посуетно си се умислиш.

Што е со „роговите” на нејќење од линијата на нашата равенка, навистина ли еден нејќач мора да биде за една партија Б (со стратегија Б), штом нејќе да биде во неутралното мочуриште, а сака да го стопира проблемот А?

На денот на самите избори, рационалниот одговор е ДА, мора. Мора да гласа, и тоа не со неважечко ливче, да повторам, затоа што неговото негласање автоматски има улога во нашиот изборен модел како зголемувач на опциите против кои токму неутралниот не гласа, заради самото постоење на неговото име во избирачкиот список.

На избори се гласа унарно со ЗА, а не се гласа бинарно ЗА или ПРОТИВ. Тоа значи дека човек и не мора да е вљубен во некоја стратегија/партија за да излезе и да гласа ЗА неа. Доволно е да е ПРОТИВ друга стратегија/стратегии, затоа што му е јасно во количина од барем над 50% дека вториве ја влошуваат лошата ситуација А, која сака да ја спречи.

Мислам дека скапите пропагандисти на ВМРО-ДПМНЕ многу добро манипулираа со некомпатибилноста меѓу унарноста на гласањето и бинарноста на поларизацијата во јавниот простор за да ги задушат оние кои го разбираа тоа, лепејќи им етикета преку устата („соросоид“, „комуњар“, итн.) И тоа е дел од говорот на омраза кој би требало секого да протресе од сон, заради асиметричноста. Да погледне пред себе, зад себе за да согледа дека ВМРО-ДПМНЕ нема врска со спречување на проблеми од граѓанска природа, туку таа партија е зафатена сама со себе – самата нејзина дефиниција е преку анти-стратегиите на СДСМ.

Сега, треба ли да ги набројуваме непростливите гадотии кои кулминираа со тепањата на 27-ми април во режија на ВМРО-ДПМНЕ? И еден куп уништувачки работи за Македонците, за нивните професии, култура и уметност на ова тло, додека тие се чукаат во гради како „вистински Македонци“? И низ говор на омраза дефинираа заканувачки поим (и по живот) во контраст на „вистинскоста“ – со „предавници“? Тогаш, освен проблемите А кои сакаме да ги спречиме да се влошуваат, на глава ни се качува и многу намерна и свесна надворешна агенда В која треба да ја земеме предвид при гласањето, која го заразува дури и најграѓанскиот проблем А. Нека се замислат сите што е агендата В, додека ВМРО-ДПМНЕ со помош на Левица во јавниот простор фрлаат смешен (во споредба со неа) контрабаланс со „Американците“, „Западот“, „империјализмот“ и слично. Со сегашнава опозиција на власт, на граѓаните би им останале и граѓанските, системски проблеми (веќе видено деновиве во Скопје), и заканата по живот да станат „предавници“ ако не се сложат со ВМРО-ДПМНЕ.

Без оглед на контрабалансите за В, гадотиите направени од ВМРО-ДПМНЕ и како власт, и како опозиција, немаат пандан кај СДСМ. Мислете, набројувајте – нема и нема. Затоа таа асиметричност кажува дека на избори се гласа против ВМРО-ДПМНЕ, додека не се упристојат или ги снема.

Се разбира, затоа пропагандните идеолози зад ВМРО-ДПМНЕ практично ја создадоа Левица, за навидум да даде опција пред да се стигне до унарната одлука – заокружувањето на гласачкото ливче. Левица имаа доволно време да се докажат и сѐ што докажаа е уште понеразумно занимавање со сопствено анти-дефинирање, така што тоа стана кампус ВМРО-ДПМНЕ-Левица. Двете се опфатени со анти-либералноста и анти-демократскоста, со таа разлика што ВМРО-ДПМНЕ се граба и за религијата и ја расипува христијанската идеја на солидарност, заемно помагање, ненасилство,  со туткање на анти-абортус, антимигрантство, национализам, говор на омраза и, секако, неодминливите мешани партиско-црковни сектовидни ритуалности.

Но, во самото нивно анти-дефинирање, благодарение на бинарноста што Донтовиот изборен модел ја наметнува според големината на партијата, имаме лесно решение за гласање против нив – се заокружува нивниот архинепријател по нивната дефиниција – СДСМ.

Се разбира дека оваа поента (сосе процесот до неа) е горка за проголтување за сите, буквално за сите, само од различни причини. Но, таа горчина е само емоција која не ја остава оваа поента да биде јавна и експлицитна, а уверена сум дека луѓето воопшто не се неписмени, мнозинството ја знаат, дошле до неа, сосе процес.

Затоа, сериозно е за замерување кога писменоста политички се дефинира преку некој тип на реткост или уште и дисидентство – двојно зла грешка. Од една страна се третира за реткост за да служи како потпорна точка за нечија гаранција за карактер, а од друга страна да се поништи како малцинско мислење, т.е. се остава простор писмените да се обвинат за слаб капацитет на политичко обединување.  Имено, веднаш по губењето на власта во 2016-2017, ВМРО-ДПМНЕ одново нападна во најмалку нерационалното ткиво по вокација, интелектуалното, со „додефинирање“ на објективноста. Отпрво, изгледаше само како штос за нивните мегафони да изгледаат максимално интелектуално: „Вистинскиот интелектуалец/артист е секогаш на страната на опозицијата“ (Героски, Весна-Бејби и други). Но, пак морам тука да ги „пофалам“ скапите пропагандисти на ВМРО-ДПМНЕ за чепкањето со прст во раната на интелектуалците: Суетата за објективноста, непристрасноста, бидејќи објективноста, непристрасноста го прават „образот“, авторитетот на еден интелектуалец. Самите интелектуалци се сплеткаа во својата непристрасност кон непристрасноста, во рокот на службата, што се вели. Ова премногу често го имам видено во академските кругови и за далеку помали работи. Тоа е нешто страшно со резонирањето за непристрасноста. Мора да се разбере дека има многу поими кои не може да се итерираат едни во други, инаку стануваат спротивни на себе. Такви се непристрасноста, толеранцијата, компромисот итн. Непристрасност кон непристрасноста раѓа пристрасност, тоа е просто, пропагандна техника.  Заради неотплеткувањето на тој јазол на една релативно проста пропаганда, интелектот јавно станува анулирана валута. Односно, според фалшивата логика со име „Труење на бунарот“ (кога атрибут на личност прикажан како негативен атрибут ги „дефинира“ со негативен предзнак неговите постапки и заклучоци), тие измислија „Прочистување на мочуриштето“ со „додефинирањето“ на објективноста на интелектуалецот. Стеснување на дефиницијата, ексклузивитет на интелектуалноста, веројатно примамливо звучи за некого. Се разбира, ова е плагијат на фалш-резонирањето на принцип „Ниеден вистински Шкот“ (No True Scotsman), кога тврдењето уште на почеток е фалшиво, не е дефиниција, а додавањето „вистински” не го прави дефиниција, туку баш покажува дека не е критериум. Така, тврдењето погоре во превод всушност е „вистинските интелектуалци се со ВМРО-ДПМНЕ“, наметнувајќи критериум за интелектуалност. Како што тврдат и за „вистинските Македонци“. Зошто не ги ставаат таму и сите „вистински триаголници“, на пример? Се знае, затоа што со добри дефиниции не може да се манипулира – триаголник е триаголник, нема „вистински“ како што нема „предавнички“ (или „лажен“) триаголник.

Ако мораат баш да дефинираат  интелектуалец преку изгонетост од мејнстримот, тогаш имплицитното тврдење зад тоа, дека власта е мејнстрим, е неточен во рамки на Македонија. Со оглед на пропагандата, медиумската застапеност и успешноста на лагите, мејнстримот во Македонија е ВМРО-ДПМНЕ. Мејнстримирањето е добиено прво со лагата за „вистински Македонец“, после, со „додефинирањето“ на објективноста во кое новинари, професори, артисти и други интелектуалци и уметници моментално се (приспиени) во облаци од додадената вредност на ексклузивитетот  „екстра-паметност”, а секако, и со лагата за својата стратегија (Б) за решавање на тековните проблеми (А) на граѓаните:  Таа се сведе само на „паѓања во несвест“ колку неефективна била не-нивната, имплементирана со труд стратегија, оти „мечката“ не се оддалечила доволно од „пештерата“.

Интелектот е само коректор на (не)решавачите на проблеми, заради своето рацио, а не се глупира со проценки за приклонувања каде (не) е мејнстримот. Инаку, што ќе кажеме за европскиот мејнстрим, или како што вели Жижек во последното интервју, Европа е заснована на социјалдемократски вредности дури и кога конзервативците се на власт. Интелектуално ли е да се изгониме сами од тој мејнстрим?

Превземено од фронтлине.мк