Пишува: ДРАГАН МИШЕВ
Како најзначаен настан кој ја одбележа изминатата година, несомнено е оној кога по 17 години кандидатски статус, исчекувања, очекувања, разочарувања, и секако голема борба, Република Северна Македонија, конечно, на 19 јули, сега веќе минатата 2022 година во Брисел ги започна преговорите за полноправно членство во Европската Унија.
На започнувањето на преговорите, кое беше означено со одржување на првата меѓувладина конференција, се обрати премиерот Димитар Ковачевски, кој својата изјава во седиштето на Советот на Европската Унија ја прочита на македонски јазик.
Патот кој го изоде Македонија до започнување на долгоочекуваниот и толку посакуван почеток на преговорите за членство во ЕУ, минатата година беше поплочен со многу премрежија, неизвесности, блокади, деструкции, кои доаѓаа не само однадвор, туку и од внатре во државата.
На ваквиот расплет на настаните му предходеше изгласувањето на заклучоците за францускиот предлог во македонското Собрание. На гласање беше ставен „подобрениот“ француски предлог, откако предходно премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама по завршување на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел соопшти дека Предлогот на француското претседателство за деблокада на нашиот европски пат во таква форма, каква што беше предложена во тој момент, беше неприфатлив.
Пред Владата да го одобри францускиот предлог, Собранието по три дена расправа, со 68 гласа „за“ ги усвои заклучоците за францускиот предлог.
Пред гласањето, пред пратениците во Собранието се обрати Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен која во своето обраќање уверуваше дека македонскиот јазик и идентитет во подобрениот француски предлог воопшто не се доведени во прашање : „Почитувани Македонци, внимателно ја слушав загриженоста во однос на македонскиот јазик и идентитетот. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние целосно го почитуваме тоа. Затоа во ревидираниот предлог стои македонски јазик без квалификација од ЕУ.“
На чинот на гласање, верни на своето дестриуктивно однесување при носењето на големите државнички одлуки, не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица. Иако, особено по излагањето на Фондер Лајен им потонаа сите лаги и шпекулации за наводно продавање на јазикот и идентитетот, тие не се откажаа од блокирањето на евроинтегративниот процес, во обид за дестабилизација на државата преку насилни протести против францускиот предлог.
По отсранувањето на бугарското вето за одржувањето на првата меѓувладина конференција, единствената пречка за европската интеграција на земјава останаа лево-десничаротАпасиев и неговиот заложник, шпицниот градоначалник Мицкоски.
Лагите на Левица и ВМРО ДПМНЕ дека предлогот го брише јазикот, го брише идентитетот, решава историски прашања, беа пропратени со силната реторика на бугарските националистички политичари, како и со отворањето на бугарски клубови со имиња на контроверзни историски личности, имаа(т) за цел да предизвикаат немири и нетрпение кај граѓаните и да ги нарушат евроинтегративните процеси во државата.
Но, со настаните кои следеа по усвојувањето на францускиот предлог во Собранието, отпочнувањето на преговарачкиот процес и скринигот, со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС на чист македонски јазик, но и со целото однесување на Европската Унија, каде Северна Македонија е во фокусот на вниманието, овие лаги паднаа во вода.