На сите во овој момент треба да ни биде приоритет иднината на државата односно правецот во кој ќе ја движиме и исполнувањето на државните стратешки цели. Во моментов уживаме силна поддршка од европските институции, од државите членки, од високите европски претставници и тоа треба мудро да го искористиме за напредок во евроинтеграциите, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

-Во 2023 година не очекува динамичен и интензивен период во исполнување на задачите и обврските кои ги имаме за испорачување кон ЕУ, спроведување на реформската агенда и што повеќе резултати од истите. Во оваа наредна фаза на скрининг процес треба да се фокусираме и да зборуваме за прашања коишто ни се наметнуваат, а се врзани за внатрешниот пазар, за владеење на правото, за животната средина, за транспорт и земјоделие и за борбата против корупцијата, вели Маричиќ во интервју за „Слободен печат“.

Тој вели дека според календарот договорен со Европската комисија, од втората половина на јануари продолжуваат билатералните состаноци за кластерот 2 ,„Внатрешен пазар“ што има 9 поглавја, а до крајот на 2023 ќе треба да ги завршиме билатералните скрининзи за сите преостанати кластери.

Оваа година, како што вели Маричиќ, очекуваме да ги добиеме и извештаите од скринингот за секој кластер, почнувајќи од кластерот Фундаментални вредности, бидејќи тие извештаи и препораките на ЕК ќе бидат основата за планирање на реформите, инвестиции и градењето на капацитетите за да се постигне европеизацијата на македонското општество.

-Ќе почнеме и со подготовка на патоказите и тоа патоказ за владеење на правото што ќе ги опфаќа реформите во поглавјата „Правосудство и фундаментални права“ и поглавјето „Правда, слобода и безбедност“, и е одредница за отворање на Кластерот 1, „Фундаментални вредности“. Потоа патоказот за реформа на јавната администрација што треба да се фокусира на градење на професионална администрација во служба на граѓаните и на јакнење на административните капацитети за спроведување на законите и политиките кои се усогласени со европските стандарди, и е одредница за отворање на Кластерот фундаментални вредности и на крајот патоказот за функционирање на демократските институции кој ќе треба да содржи мерки за зајакнување на демократското управување на сите нивоа и тоа во однос на работата на Собранието, изборниот процес и зголемување на граѓанското учество во демократските процеси, но нема да биде одредница за отворање на Кластерот, објаснува вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ очекува со заеднички консензус за прашањето за европската перспектива на земјата, да стигнеме до успешни уставните измени. Граѓаните, според него, го поддржуваат членството во ЕУ и добро знаат дека земјата треба да чекори по европскиот пат, единствен пат на кој може да се трансформира македонското општество според европски вредности и стандарди и кој носи стабилност, просперитет, нови можности и неповратни средства од европските фондови.

-Секое поместување од европскиот пат, а тоа ќе се случи доколку опозицијата не даде поддршка за уставните измени, ќе биде само несигурност, неизвесност, политичка криза и повторно ставање на Северна Македонија во чекалната. Следната блокада може да биде ВМРО-ДПМНЕ, вели Маричиќ.

 

Додава дека немаме повеќе блокади од надвор. Напротив, како што оценува, имаме поддршка од европските институции и државните држави членки и треба мудро да го искористиме овој моментум и предностите кои ги има земјава.

-Имаме добри стартни позиции како високо ниво на усогласеност со европското законодавство, во некои области сме понапред и од земјите кои преговараат веќе деценија, членството во НАТО и целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, што беше нотирано со највисока оценка и во годишниот Извештај на Европската комисија за 2022. Верувам дека стратешката цел на државата ќе биде приоритет на сите политички фактори и ќе ја осигураме со успешна реализација на уставните измени, за да можеме со максимална посветеност до крајот на декадата да сметаме на членството во големото европско семејство, коментира Маричиќ.