ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Сите оние говорници кои денес ја држат активна темата Онишченко треба да ги потсетиме на аферата Субрата Рој која се закануваше целосно да ја подрие домашната економија, дури да ни ја промени и „географијата“ Во неа беше вмешана целата политичка елита на ВМРО, а изостана било каква реакција на контраразузнавањето! Денес сите текстови кои ја допираат оваа тема не „преживеаа“. За одговорност и да не говориме.
Во овие денови зад нас, веројатно и во некои други утра што не очекуваат до Нова година, името на човекот кој по се’ го има педигрето на руски врвен шпион влезен во земјава не на еден, туку на два скапоцени коња, ќе биде присутно. По објавувањето на минатото на сега веќе извесниот Онишченко на порталот Призма, се возбудија духовите, бидејќи, се покажа дека за споменатиот господин нема влез во САД заради негово учество во тамошните претседателски избори пред две години Како поседник на многу пасоши на земји од планетава, Кадиров, алијас Оништенко, секако е врвен извршител на политиката на Кремљ и јасно е дека не повлекол за нос претставници на само една држава.
КАЧЕН НА ДВА КОЊА
Влезот во земјава како ВИП личност и добивањето на макеоднски пасош, и со тоа и државјанство, е секако како одговорност подигнато на многу високо ниво. Јасно, зачудува проценката на актуелната опозиција која кон овој случај се однесува како во органите кои одлучувале за добредојде кон Онишченко, објективно, да не соучествувале нивни кадри на сите нивоа. Секако, нив ги има и во спортот, како прва капија, како и во АНБ и како тоа како членови на старата коалиција ВМРО ДПМНЕ – ДУИ во МВР кои веќе се откриени во масовна дарежливост кон опасни криминалци од Балканот кои имаат и македонски пасоши. Откриени, ама не и казнети со заслужени казни, туку повеќе би рекле однапред помилувани!
Она што секако кај нас бргу се заборава (а тоа е национална особина) е фактот дека целата врвна политичка елита кај нас се постави како црвен килим за добродојде, подготвена безмалку да му ја подари целата земја, сите нејзини добра само да го направи најценет домазет на Балканот. Да, тоа е Субрата Рој, кој во мигот е на долгогодишна робија во индиски затвор како финансиски измамник, а некои недовршени објекти на Плоштадот Македонија се уште потсетуваат дека имавме еден неофициален стопански суверен. Дали имаше пасош? Не прашувајте, дадоа и на неговиот син…
СЕЛФИТО НА ВМРООВСКАТА ЕЛИТА
Ова навраќање на оваа личност, со која правеше селфи кој ќе посакаше од таа вмроовска елита, не дава право да се заборава нашата државна фрагилност и тоа со години и со линост која, само ако се прочепкаше барем малку по нејзините биографски елементи, ќе се видеше дека ние барем економски веќе паѓаме во длабок бунар со него како актер.
Појавата на овој белосветски арамија – како што ќе напише во своја колумна поранешниот македонски дипломат Коста Стоименовски (во 2019 г во „Нова Македонија“.) е резултат на една комплетно промашена државна политика.
„Владата што дојде на власт во 2006 година, наместо на извозот, сите „карти“ ги стави на странските инвестиции. Во почетокот назначи двајца министри за странски инвестиции, а подоцна нивниот број се зголеми на 5-6 вакви министри. Беа назначени неколку десетини привлекувачи на странски инвестиции, кои придонесоа и за познатиот скандалозен случај со Субрата Рој. Македонските амбасадори добија нормирана задача секој месец да контактираат најмалку 10 менаџери на странски компании. Кога согледаа дека странските инвестиции не можат да бидат панацеум за решавање на нашите економски проблеми, привлекувачите на странски инвестиции беа промовирани во промотори на извозот на македонски производи. Откако се согледа дека ефектите од работата на промоторите се минимални, а трошоците за нивното функционирање се доста големи, актуелната македонска влада најави формирање на три центри, кои би ги покривале најважните земји во трите фаворизирани региони! ДКП на странските земји во нашата држава би можеле да имаат мошне важна улога во унапредувањето на економската соработка со нивните матични земји. Македонските власти, за жал, не го разбираат тоа и не знаат како да ги користат услугите на странските ДКП во нашата држава!“
Овој цитат навистина покажува дека ние во земјава добивме преку тимот на Никола Груевски еден крајно наивен модел за развој. Тој опстојуваше по сила на диктатот, немање на јавност па следствено и немањето отпор на широка деморкатска структура. Но тука имаше и огромна доза на алчност, обид покрај атрактивноста на странецот, по неговата исфабрикувана моќ и чудна, ориентална облека да се добие некое „парче“ за себе од претворањето на Македонија во индиска колонија.
ПРИСУТЕН ВО ЗЕМЈАВА КОГА ВЕЌЕ Е ОСОМНИЧЕН ВО ИНДИЈА
Субрата Рој (74) е сопственик на групацијата Сахара Индија. Освен оваа компанија, тој имаше сопственички удел и во крикет клубот Pune Warriors India, хотелите „Grosvenor House“ (Лондон) и „Plaza“ (Њујорк), туристичкото одморалиште „Aamby Valley City“, како и пакет акции во Формула 1 тимот Форс Индија.
Весникот India Today го рангираше за еден од 10-те најмоќни Индијци во светот, но треба да се знае дека тој самиот имаше грст влијастелни медиуми околу себе.. Субрата ја основал „Сахара Индија“ во 1978 година, а во 2004 бил прогласен за вториот најголем вработувач во Индија (заради „Индиски железници“) од страна на списанието Тајм.
Според тогашните известувања на Сител, Сахара Груп во следните три години требаше да инвестира во агрокомбинатот Џумајлија околу 211 милиони евра, да вработи над 2.000 лица и да изгради фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма од 20 илјади грла говеда. Субрата Рој изјави дека млечните производи ќе ги пласира во регионот, но сепак поголемиот дел ќе продава и на пазарите од Истокот и Северна Африка. Освен тоа, Рој планирал да гради и туристички комплекс на охридското крајбрежје, на подрачјето меѓу Трпеица и Свети Наум (!) за чии потреби веќе го откупил хотелот „Славија“ (ова откупил е проблематично – тој добил кредит од една банка, а прашање е дали вратил една пара!) Тој најавил и дека е заинтересиран да гради споменик на мајка Тереза на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
Факт беше дека Рој не вложи ниту долар (или друга валута), многумина стопанственици зави во црно, а лека – полека се јавија и отпори кај другите економски играчи и конечно кај МПЦ, која требаше да се откаже од свои имоти на охридското крајбрежје! Коморџиите „изразуваа скепса“, а г.г. Томотеј го нарече Субрата „обичен мангуп“.
ПЕДАНТНО БРИШЕНИ ОБЈАВИ
Тој наводен инвеститор кај нас доаѓаше во периодот 2012-2013 година, се сретнуваше и со претседателот Иванов, а премиерот Груевски му беше вообичаен кеди (оној што ги носи стаповите на голф играчите). И покрај тоа што царството на Субрата Рој уште во 2011 година започна бргу да се распаѓа и да покажува дека е само куќа изградена на трули темели, но нашето контрарузнавање, да не говориме за нашите скапо платени економски претставници во тој дел на светот, немаа реакција, туку за вистината мора да јавуваат само мал број независни медиуми, при тоа трпејќи силен притисок од власта за ваквите информации.
Врховниот суд од Индија уште во 2012 година (временски тоа е среде „македонската кампања“) веќе донел одлука со која побарал од двете фирми, „Сахара Индија недвижнини“ и „Сахара инвестиции за вдомување“ да вратат повеќе од 5 милијарди американски долари со камата. СЕБИ уште тогаш објави дека „Сахара груп“ должи 4,38 милијарди долари, а групацијата во меѓувреме уплатила само 934 милиони долари. „Сахара“ пак, тврди дека останатиот износ од 3,65 милијарди долари им го има вратено директно на две компании што купиле нејзини обврзници
Секако дека постоеја обиди толку извикан богат човек да се спаси од одењето зад решетки. Индискиот Врховен суд еднаш сакаше да го пушти да се брани од слобода, ама во 2014 година се премисли и одлучи да не ја прифати кауцијата на компанијата „Сахара“. Рој беше во притвор веќе два месеца, а неговите адвокати предложиле во рок од три дена да уплатат околу 415 милиони долари, а уште 415 милиони долари, како и банкарска гаранција за преостанатите 830 милиони долари да бидат исплатени во рок од 60 дена.
Како што пишуваа индиските медиуми, судиите потоа донеле одлука да не го прифатат предлогот на адвокатите на Рој за исплата на бараната кауција на три рати и побарале поповолен план за исплата на долгот.
Судиите оценуваат дека начините кои „Сахара групацијата“ ги предложила за исплата на штедачите се „систематично фрустрирачки“, а поплаките на Рој дека е неправедно затворен се неосновани. Судиите, при донесувањето на одлуката бизнисменот да остане во притвор, процениле дека тој кон нивните наредби, да најде начин за обесшетување на малите штедачи, се однесувал „ со пркос“.
Рој и двајца негови директори се во притвор во индискиот затвор „Тихар“, од крајот на февруари 2014 години. Рој беше пуштен летото 2016 година, само да присуствува на погребот на неговата мајка, иако нашите медиуми ова го пренесоа со големи наслови, демек Рој е ослободен од затвор, што не беше точно. Тој казната ја отслужуваше во затворот „Тахир“. Нашите медиуми пишуваа дека дел од фирмите на овој човек во земјава функционираа. Дури на крајот на годината, непосредно пред оние пресудни избори во декември 2016 година, се покрена постапка за раскин на договорите.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го тужеше Сушанто Рој, синот на индискиот бизнисмен Субрата Рој, за долг од 100.000 евра, односно за неплатен закуп за земјиштето Џумајлија…
Сушанто Рој, кому власта му даде и македонско државјанство, и неговата фирма „Сахара пјур“ не платиле за закуп на 5.300 хектари земјиште (!), поранешна сопственост на агрокомбинатот Џумајлија од Лозово. Знае ли некој колкаво е тоа земјиште: Или поточно – колкав е тоа процент од вкупното обработливо земјиште во Македонија?
Кое е резимето на оваа огромна афера:
Најпрвин никогаш не дознавме што е со семејтвото Рој и нивните бизниси во земјава! Дали нивни „опашки“ се уште, макар и формално постојат во правниот систем?
Како тоа поголем дел од цитатите за „успешниот инвеститор“ денес се уредно избришани од електронската меморија на земјава, односно од медиумите, аудио-визуелните и оние другите? Побарајте ги врските кон тие писанија и објави цитирани во македонска Википедија, па ќе видите…
Трето, што е со одговорноста во случаите на инфилтрација на опасни претставници на глобалните злобни политики кај нас дома, на што посебно инсистираат Антонијо Милошески и другите парламентарци на ВМРО ДПМНЕ за слулчајот Кадиров-Онишченко? Да ви одговорам – досега никаква. Некои од соучесниците во таа афера немаат никаква одговорност за било што, втори добија казни по други основи во форма на платен одмор на струшката ривиера, а трети, како експремиерот Груевски, си побегнаа лесно од земјава!
Ова е битно за да констатиаме дека се работи за систем на неодговорност кој со години е изграедуван во Шампитата, белата зграда на плоштадот на ВМРО ДПМНЕ во Скопје.
Превземено од Цивил Медиа