Македонија нема многу политички династии, има лекарски, има и бизнис династии, и затоа отсекогаш беше чудно што синот на претседателот Киро Глигоров, Владимир Глигоров во својата плодна научна и делумна политичка кариера, никогаш не го користеше името на својот татко чија политичка популарност ги надминуваше границите на Македонија. Веста за смртта на „младиот“ Глигоров чиј живот заврши вчера на 78 години, во Скопје беше дочекана со невообичаена рамнодушност, па дури од некои кругови со малициозно потсетување дека Владимир Глигоров никогаш не и припаѓал на Македонија, туку повеќе на Србија, пишува новинарката Сања Крамарска од Нова.тв.

Во текстот понатаму стои:

Кај нас каде што стана практика да се користат врски и познанства за вработувања, лечење, кариери, бизниси, тешко може да се поверува дека претседателскиот син решил да изгради дистанца со Македонија токму поради славата на неговиот татко кој беше претседател на државата а и претходно беше на високи функции во југословенската федерација, и дека можеби со неговото отсуство од Скопје  Владимир дал шанса некој друг без политичко педигре да зачекори во високите кругови на Македонија.

Но сеедно, станува збор за маркантна личност чие име се поврзува со Македонија и чии економски анализи и прогнози со внимание ги читаа сите европски влади, затоа што слично како и неговиот татко, Владимир се карактеризираше со смирен и студен поглед на нештата, ослободен од емоции, пласирајќи ги немилосрдно своите ставови со едноставни и разбирливи зборови.

Владимир Глигоров е роден 1945 година во Белград во време кога неговиот татко Киро Глигоров е важна личност во југословенската федерација. Веќе од крајот на Втората светска војна, Киро Глигоров доби важна улога во комунистичкото движење што ќе одбележи голем дел од неговата кариера – чувар на македонските, а потоа и на југословенските финансии. Тој стана министер за финансии уште во 1948 година и на таа функција остана четири години, за да се врати на функцијата во 1962 година како Сојузен секретар за финансии со клучна задача да го реформира економскиот систем на комунистичка Југославија.

Целиот текст на новинарката Соња Краманска на порталот Нова.тв