Хакан Бојав, еден од главните актери во ТВ Серијата Балканска приказна која неколку месеци се снима во Скопје, а ќе се емитува на турската државна телевизија, во интервју за Алмакос вели дека со снимањето на серијата имал можност да ја запознае Македонија и импресиониран е од она што го видел.  Како што вели, се труди да ја запознае нашата земја, во која што и од претходно е познат по ликот на Кара во мега популарната серија „Долина на волците“.

Ви го пренесуваме интервјуто на Бојав дадено за „Алмакос“.

1.Дали првпат дојдовте во Македонија со серијата Балканска приказна којашто веќе неколку месеци се снима во Скопје а секој вторник веќе се прикажува и на Турската национална телевизија ТРТ 1? Дали подобро ја запознавте македонската култура? Што Ве импресионираше најмногу од Скопје?

Ова е моја прва посета на Македонија, и секако имав можност да ја запознаам Македонија и особено Скопје. Имаше многу работи што ме импресионираа овде, но највпечатливо за мене е важноста што им се дава на велосипедистите во Скопје, велосипедските патеки и супериорноста во сообраќајот што им се дава на велосипедите.

  1. Луѓето најмногу ве препознаваат како актерот од познатата ТВ серија Долина на волците, односно карактерот Кара. Ве познаваат ли луѓето по скопските улици? Како реагираат на Вас?

Улогата на Кара е улога која беше влијателна во светот. Нормално, многу луѓе ме познаваат по ликот Кара овде во Скопје. Но, на претежно од другата страна на Вардар, односно каде што интензивно живеат Албанци и Турци, Кара го знаат речиси сите. Но, морам да признаам дека меѓу нив има и Македонци и тоа искрено ми се допаѓа и сум среќен.

3.Какви очекувања имавте пред да дојдете во Македонија? Каква е атмосферата за време на снимањето со вашите колеги?

Додека траат снимањата со колегите од серијата правиме се што наложува нели нормалниот професионален живот, но секако, секој од актерите има круг на луѓе со кои што се дружи надвор од снимањата. Тоа е нормална работа. Секој има личности со коишто се чувствува поблизок и поминува повеќе време со него/нив во приватниот живот.

Во однос на првото прашање, искрено немав претходно познавање за Балканот и Македонија пред да дојдам овде бидејќи никогаш не сум го шетал Балканот, ниту пак сум бил во Македонија,  освен во Албанија. Затоа и немав некакви очекувања пред да дојдам во Македонија. Дојдов и го запознав Скопје, бев и ги прошетав и Гостивар, Битола, Прилеп. Се трудам да ја запознаам земјата колку што можам повеќе и има многу позитивни работи кои ми се допаѓаат како и негативни, што е најнормално како и за секоја друга земја.

4.Серијата веќе се емитува на ТРТ1 во Турција. Како е прифатена серијата од тамошната публика?

Серијата беше на зачудувачки начин прифатена во Турција и не радуваат реакциите од публиката. „Балканска приказна“ е тешка серија, особено дијалектот што се користи во серијата, на гледачите од Турција им беше малку тешко целосно да ја разберат серијата на почетокот. Но и покрај тоа публиката, фановите на Балканска приказна не не оставија сами и морам да признаам дека секој вторник заедно и со најмладите и со најстарите ја гледаме секоја нова епизода на којашто работиме со тимот, овде од Скопје.

5.Можете ли да ни кажете малку повеќе за ликот на Даниел што Вие го глумите? Како го доживувате ликот на Даниел?

Ликот Даниел во серијата Балканска приказна е таткото Македонец, сопруг на Елена и татко на Марија и Јованка. Даниел е многу поразличен лик, пред се со неговата облека, движењата и детската веселост која ја носи во себе, но во исто време е и позитивен лик, конструктивен, обединувачки, но најважно од се, добар пример на татко за своите деца и добар пример на сопруг за сопругата Елена. Во оваа смисла, можеме да кажеме дека Даниел е навистина позитивен лик.

6.Има ли сличности меѓу Хакан Бојав и Даниел?

Како Хакан во приватниот живот, јас и Даниел немаме никаква сличност, ниту облеката ниту пак начинот на којшто се однесуваме или реакциите кои ги даваме во дадени моменти ни се слични. Но, ние сме професионални актери и наша должност е да ја играме секоја улога давајќи максимум од себе за да го доближиме карактерот најдобро што умееме до публиката.

7.Дијалектот што се користи во серијата е различен од оној во Турција. Дали имавте потешкотии со турскиот дијалект во Македонија при снимањето на вашите сцени?

Како што и претходно напоменав во едно од претходните прашања, дијалектот што го користат Турците во Македонија е многу тежок дијалект. Затоа, како актер, ова е најтешкиот дијалект што сум го сретнал и користел досега. Јас сум актер кој добро зборува на различни дијалекти, и досега сум имал многу улоги во филмови и серии каде што треба да зборувам на некој од дијалектите што се зборуваат во Турција и искрено морам да признаам дека тоа сум го правел доста успешно. Турскиот дијалект што го користат Турците во Македонија е многу тежок, сложен и нема посебни правила на користење на зборовите или формулација на речениците.

8.Можете ли накратко да ја опишете серијата „Балканска приказна” со свои зборови?

„Балканска приказна” е приказна за Ромео и Јулија чие што дејствие се одвива во турски конак овде на Балканот.