Израелскиот претседател Исак Херцог денеска го посети нацистичкиот концентрационен логор Берген-Белсен, следејќи ги стапките на својот татко, кој помогнал да се ослободи логорот во својство на офицер на британската армија во 1945 година.

Раскажувајќи ги првите моменти на Хаим Херцог во кампот – таткото на Исак и поранешен израелски претседател – шефот на израелската држава рече дека тој „стоел на дрвена кутија, извикувајќи на јидиш пред стотици скелети“.

„Евреи, Евреи, има ли уште живи Евреи? Има ли уште живи Евреи на Земјава?“, се сеќава Херцог на зборовите на неговиот татко.

Логорот е еден од најозлогласените во Втората светска војна, каде што беа убиени над 50.000 луѓе, вклучувајќи ја и Ана Франк, германско девојче од еврејско семејство од Франкфурт која ги напиша дневниците во кои ја опиша германската окупација на Холандија за време на Втората светска војна.

Во 1945 година, логорот бил полн бараки кои британската армија веднаш ги запалила за да спречи ширење на болестите. Денес таму има огромни масовни гробници покриени со трева, на кои се поставени мали камења како почит за мртвите.

Стоејќи покрај каменот кој Хаим Херцог го донел од Ерусалим во 1987 година, кога тој стана првиот израелски претседател што ја посети Германија по Втората светска војна, неговиот син Исак ги повика двете земји да продолжат со борбата против антисемитизмот.

– Тоа е наша должност во име на минатото, рече тој. – Израел и Германија мора заеднички да ја бранат татковината за еврејскиот народ, неговата иднина, безбедност и подобрување и да се борат против секој облик на антисемитизам, рече Херцог за време на посетата на меморијалната област северно од Хановер.

Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер нагласи дека сеќавањето на злосторствата извршени врз Евреите за време на националсоцијалистичкиот режим не смее да запре.

– Холокаустот е болен дел од германската историја и не смее да се повтори или заборава, рече Штајнмаер.

Германскиот претседател укажа и на потребата од борба против антисемитизмот, кој, како што рече, се уште е повеќе од присутен во Германија.

Со посетата на логорот, Херцог ја заврши тридневната посета на Германија, за време на која учествуваше на комеморацијата за убиените израелски спортисти на Олимписките игри во Минхен во 1972 година и одржа говор во Бундестагот во кој се заблагодари на Германија за поддршката што ја дава на Израел.