Турската полиција денеска насилно интервенираше на Парадата на гордоста во Истанбул и уапси десетици лица, вклучително и фоторепортерот на агенцијата Франс прес.

Полицијата дури пред почетокот на Парадата упадна во повеќе кафулиња во квартот Џигангир и приведуваше ЛГБТ активисти и новинари. Според невладините организации уапсени се 52 луѓе.

Како и секоја година, Парадата на гордоста беше официјално забранета од гувернерот на градот, но стотици демонстранти со знамиња во боја на виножито се собраа на улиците околу плоштадот Таксим, што е целосно затворен за јавноста.

По с пектакуларната поворка во 2014 година во Истанбул, на која присуствуваа повеќе од 100.000 учесници, турските власти од година во година ја забрануваат Парадата на гордоста, официјално од безбедносни причини.