Веста дека Српската православна црква (СПЦ) ја враќа Македонската православна црква (МПЦ-ОА) во канонско единство е добар знак, вели професорот по социологија на религии Зоран Матевски за Радио Слободна Европа.  Сепак додава дека проблемот е повеќеслоен и не може да се очекува прогласување на автокефалност преку ноќ. Но, според поранешниот дипломат Драган Јањатов ова всушност е вазален статус.

Соопштението на Саборот на Српската православна црква со кое го одобрува канонското единство со МПЦ-ОА, не значи враќање назад во борбата за автокефалност на МПЦ и таквите тези се погрешни, реагира Зоран Матевски, професор по социологија на религии и директор на Центарот за интеркултурни студии и истражување при Филозофскиот факултет во Скопје. Тој додава дека не се работи за одлука „земи или остави“, туку за соопштение за јавноста во кое ,меѓу другото, стои дека „разговорите со МПЦ продолжуваат се до решавање на нејзиниот конечен статус“.

Во вчерашното соопштение на СПЦ се посочува и дека одлуката се носи врз основа на акт на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, со кој се прифаќа автономен канонски статус доделен од страна на Светиот архиерејски синод на Српската православна црква во 1959 година. Српската јавност ова го протолкува како „решавање на спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ“.

Професорот Матевски потсетува дека во 1967 година МПЦ не самопрогласила автокефалност бидејќи за тој статус ни е потребен томос од Вселенскиот патријарх.

„Годината 1967 е важна за нас бидејќи сме си се возобновиле, но за екуменскиот свет таа не само што не е важна, туку тогаш е шизмата. Она што е важно е што после 55 години, нас не враќаат во православната екумена, значи веќе не сме расколничка црква и нас не враќаат во тоа канонско и литургиско единство. Не треба да се третира годината 1959 како важна, таа е само појдовна точка за понатамошни разговори, бидејќи од некаде мора да се почне“, објаснува професор Матевски.

Повеќе на Радио Слободна Еврпа.