Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вчера информира дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но се уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија, посочувајќи дека кога ќе има согласност по однос на кој било документ како основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис ќе ја информира јавноста и пратениците. Одвојувањето на Тирана од Скопје на патот кон ЕУ, пак, според него, ќе ја влоши регионалната динамика на долгорочен план.

Османи, нагласи дека се уште не може да каже дека имаме договор меѓу двете страни по однос на еден документ што треба да биде сеопфатно решение за сите разлики што ги имаме со Бугарија.

–  Да, има еден таков документ што ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа се додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно, истакна Османи по средбата со шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску, кој вчера беше во работна посета на земјава.

Прашан дали кочницата за решение се коалициските партнери на бугарскиот премиер Кирил Петков, Османи рече дека не е во ред да ги коментира „внатрешните динамики во Република Бугарија“.

–  Знам дека тие планираат решението да го поминат и во Собранието. За да се помине во Собранието се разбира дека сите коалициски партнери треба да го поддржат тоа решение. Ако тоа значи нешто, но не мислам дека е во ред јас да ги коментирам односите во Бугарија. Се надевам дека во ова време е потребно стратешко лидерство. Време е за стратешки одлуки во ЕУ, во регионот, изјави Османи.

За тоа дали има поместување во политичкиот дел и политичките разлики, шефот на дипломатијата рече дека со бугарската колешка комуницира на дневна основа, додека премиерот Ковачевски со премиерот Петков.

–  Ќе ја повторам оценката, има постигнато напредок во размислувањата како да се надмине ова прашање. По однос, како, што и  кога, но не можам да кажам дека за еден документ има согласност целосна од бугарската Влада, за да можам јас да ги информирам пратениците веднаш, да го споделам документот и да ја информирам јавноста. Не можеме ниту да разговараме поединечно со секој чинител во Бугарија, ниту пак да ги коментираме различните ставови, рече Османи.