96-годишната Арасели Росарио Идалго Санчез од Дом за стари лица во централна Шпанија, беше прва во нејзината земја којашто се вакцинираше против КОВИД-19, објави „Франс прес“.

Возрасната дама со кратка бела коса, насмевнувајќи се рече дека не чувствувала „ништо“ кога ја примила вакцината во ресторанот „Лос Олмос“ во градот Гвадалахара. Таа потоа повторно ја облече црната јакна и замина во својата инвалидска количка, додава агенцијата.

Моника Тапиас, медицинска сестра во истиот дом, е второто лице во Шпанија имунизирано против оваа болест. Ресторанот е избран за почеток на кампањата во земјата, бидејќи се наоѓа во близина на еден од магацините на компанијата Фајзер, која ја разви вакцината заедно со БионТек. Вакцината  таму била испорачана од Белгија вчера и ќе се дистрибуира низ целата земја.

Вакцинацијата ја поздрави и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен.