Во ек на сезоната за продажба на јагнињата, во домот на сточарот од Робово минатиот петок беше организирана прослава, со изведба на стар обичај кој беше снимен со мобилен телефон. Објавеното видео на социјалните мрежи, Здружението за заштита на животните го окарактеризира како повреда на невино животно, заради што поднесе пријава до надлежните, упатена кон Инспектор за благосостојба на животните кој присуствувал на средбата, но според нив не го заштитил животното.
По распитот сточарот Александар Мачевски од пехчевското Робово истакна дека ќе поднесе кривична пријава против здружението и лице од Берово, кое на Фејсбук упатило бројни навреди против него.
-Од она што можам да го кажам е дека фокусот на здружението бил кон инспекторот, а не лично кон мене. Сепак со „самото“ инволвирање на моето семејство, е нанесена огромна штета врз нашиот углед, заради што ќе поднесам пријава до Здружението. Дополнително за навреди на лична основа, ќе биде поднесена пријава и против поединец од Берово кој ме навредуваше на социјалните мрежи, истакна Мачевски.
Како што потврди самиот сточар, пријава до здружението ќе следува и од самиот инспектор.