Руско-украинската криза ќе продолжи да се третира како конфликт со низок интензитет, нема да го премине прагот на општа војна. Секој конфликт има две решенија – мир или војна, а во војната никогаш нема победници, секогаш има жртви. Потребно е што поскоро да се најде мирно решение, да нема веќе жртви и страв, беше посочено на денешната панел дискусија на тема „Руско-украинската криза и Северна Македонија“ организирана од ЦИВИЛ.
Според амбасадорката на Украина во земјава, Наталија Задорожњук, прашањето на руско-украинските односи е многу пошироко и се однесува на сите земји вклучувајќи ја, вели, и пријателска С Македонија и го доведува во прашање опстанокот на воспоставениот меѓународен поредок. Зад руско украинскиот конфликт, како што посочува таа, е стремежот на Русија да ја обнови империјата да го зачува нејзиниот, според неа, „авторитарен режим со помош на Украина, Белорусија, Молдавија и Грузија да се оддели од западниот свет“.
Русија сака да ги гледа нашите земји, а особено Украина како контролирана пречка за ширење во Русија на западните вредности. За разлика од конфликтот во 2014, Украинав вели, денес е многу поподготвена и посилна да се одбрани, а има и поддршка од западниот свет.
– Заедно со нашите сојузници формулиравме три насоки за одвраќање на Русија: дипломатско-политички, економски санкции и воено-технички. Политичката е солидарност со Украина, економската е зајакнување на политиката на санкции што ја прави Русија многу послаба, а третата е воена помош, обезбедување одбранбено оружје. Во оваа насока исто така очекуваме јасна и недвосмислена политичка поддршка од пријателска Северна Македонија. Очекуваме приклучување кон санкциите на ЕУ, не може да се седи на две столчиња. Има моменти во животот кога треба секој сам да се одлучи на која страна од барикадите е. Украинците имаат многу негативно искуство со неутралноста. Ако одиме во ЕУ и НАТО, ако сме дел од европските вредности тогаш тоа го демонстрираме не само со зборови туку и со нашите постапки и дела, вели амбасадорката.
Осврнувајќи се на позициите на руската страна во оваа руско-украинска криза, аналитичарот Александар Писарев меѓу другото укажува дека Москва е сериозно загрижена доколку Украина влезе во НАТО оти тоа значи дека Алијансата директно се доближува до нејзините граници. Тој исклучува воено решение на кризата, и смета дека Русија од почетокот требало да оди со посталожен помирен и поразбирлив дијалог со западните партнери, наместо со ултиматуми.
Во однос на регионот на Западен Балкан и земјите кои некогаш припаѓале под влијание на руската сфера, а тука ја вбројува и земјава, актуелната криза, вели тој, влијае и политички и економски и безбедносно.
-Кога велам безбедносно, не мислам дека Русија тука ќе не нападне, меѓутоа влијае на создавање на една психоза на страв кај луѓето. Ако живеете во страв тука нема рационалност. Пошироко гледано, ние влегуваме за еден месец во еден сериозен изборен процес во Европа. Имаме избори во Франција и во Србија. Секоја од овие земји, нивните политички раководства ќе гледаат меѓу другото од руско-украиснката криза да добијат нешто и на внатрешно политички план. Макрон сака да се постави како лидер од Франција кој ги решава геостратешките проблеми во Европа и во светот, вели Писарев според кој можно решение треба да се очкеува до следниот Божик.
Деканката на Правниот факултет на универзитетот „Визион“ – Гостивар и прва жена докторантка на Воената академија, Весна Попоска, оценува дека руско-украинската криза ќе продолжи да се третира како конфликт со низок интензитет, нема да го премине прагот на општа војна, а се должи на хибридното војување како главен метод на руска доктрина од пред 10-тина години кое не е видливо, се користи со кибер напади, борба со информации и сличи нетипични воени дејствија. Сепак, нагласува дека демократските вредности не се засегнати само од дезинформациите и пропагандата туку и од непрофесионалните новинари. Во постојниот меѓународен поредок, додава таа, важи правилото големите риби можат да пливаат сами, а малите риби пливаат само во јато.
И покрај најдобрите намери и солидарноста со украинскиот народ, според неа, мора да бидеме реални дека географијата е прашање на судбина, а геополитиката само делумно може да има корективни ефекти.
-Клучниот адут во оваа криза досега беше енергетската политика и токму затоа за Украина ќе биде многу тешко да обезбеди силен политички сојуз кон сопстевната агенда. Европа е се уште зависна од рускиот гас, а Северен поток 2 е веќе операбилен, иако тоа беше повторно, еден од главните аргументи за менаџирање на кризата досега на релативно мирен начин, вели Попоска. Она што С Македонија треба да го извлече како заклучок, вели, а тоа е нејзиниот сериозен апел кон државните институции кој важи и за нас како општество, но и за сојузниците во НАТО, а тоа е дека секоја НАТО членка е одговорна за своите потреби и капацитети и НАТО Алијансата е толку силна колку што е силна нејзината најслаба алка. Да не дозволиме да бидеме најслаба алка во системот. Тука се однесува пред се на етаблирање на концептот на отпорност како општетство, вложувања во заштита на критична инфраструктура, и пред се дезигнација на истата, за што е потребно да се постигне определено законско решение како и нова паралелна стратегија за енергетска безбедност.
-Секој конфликт има две решенија – мир или војна, а во војната никогаш нема победници, секогаш има жртви, осбено во контекст на глобалната пандемија и општата нестабилност што ја предизвика. Искрено се надевам дека што поскоро ќе се најде мирно решение и дека нема да има веќе жртви и страв, вели Попоска.
Панел дискусијата е прва од најавената серија панел дискусии на ЦИВИЛ за актуелни светски и домашни теми, кои ќе се одржуваат најмалку еднаш неделно, од почетокот на февруари, секоја среда.