Френ Голдман не успеала да се пријави за првата доза за вакцина против коронавирусот, па кога и се укажала првата можност да ја прими вакцината, воопшто не се двоумела. И покрај лошите временски услови, тргнала пеш.
90-годишната Американка преминала 10 километри по снег за да стигне до болницата, пренесува „Сиетл тајмс“.
„Се јавував насекаде за да закажам термин, секое утро и секое попладне“, вели Голдман, која со денови чекала во здравствениот систем во Вашингтон да се појави слободен термин за вакцинација.
Кога конечно добила термин, не очекувала дека токму тој ден ќе има снежно невреме.
„Не беше лесно, тоа беше вистински предизвик, но јас одев полека“, вели Голдман откривајќи дека се наоблекла во неколку слоеви облека.
На 90-годишната Френ минатата година и бил вграден вештачки зглоб на колкот, но тоа не ја спречило да стигне до својата цел. Голдман доцнела само 5 минути од зададениот термин во болницата.
„Мајка ми нема да дозволи малку снег да ја спречи да се вакцинира… Таа е навистина извонредна личност која има став – не дозволувајте малку неволји да ги попречат вашите цели… Мајка ми е човек што бара решенија, а не проблеми“, вели нејзината ќерка Рут Голдман.