На 8 мај, Украина и целиот свет го слават Денот на паметење и победа над нацизмот во Втората светска војна во 1939-1945 година.
На овој ден се почитува споменот на сите оние кои се бореле против нацизмот, како и на мирните цивили кои загинале или биле повредени од воените дејствија и окупацијата на нивните градови и села, децата на војната, принудните работници. Сепак, војната не е само тенкови, пушки и битки од големи размери. Тоа се скршени судбини, милиони човечки страдања и загуби.
Втората светска војна зафати голем дел од планетата, во неа учествуваа 61 земја. Воени дејствија се водеа на територијата на приближно 40 земји – во Европа, северна Африка, Азија и Тихо-океанскиот регион. Во исто време, украинската земја беше еден од главните театри на воените операции, место на битки од големи размери и најжесток отпор.
Украинците на страната на антихитлеровската коалиција дадоа значаен придонес во победата над нацизмот и сојузниците на Хитлерова Германија. Милиони Украинци се спротивставија со оружје во рацете во различни редовни армии на светот, стотици илјади се бореа во подземни и востанички структури, вклучувајќи ги украинските војници во редовите на Советската армија (над 6 милиони), војници на Украинската востаничка армија (над 100 илјади), Украинци и луѓе со потекло од Украина кои биле во воените единици на други држави: Полска (120 илјади во 1939 година), САД (до 80 илјади во 1945 година), Канада (до 45 илјади во 1945 година), Франција (до 5 илјади во 1940 година).
Директните човечки загуби на Украина во Втората светска војна изнесуваат повеќе од 8 милиони луѓе. Војната им ја откри на Украинците деструктивната „моќ“ на двата тоталитарни режими – националсоцијалистичкиот (нацистичкиот) во Германија и комунистичкиот во СССР. На сите им се познати злосторствата на нацистите на окупираните територии на Украина – Холокаустот, егзекуции на цивили, палење села, депортации.
Втората светска војна (1 септември 1939 – 2 септември 1945 година) е најкрвавиот глобален конфликт. Во него загинаа меѓу 50 и 85 милиони луѓе. За 21 месец од оваа војна, СССР и Третиот Рајх дејствуваа како сојузници, а на 22 јуни 1941 година влегоа во воена конфронтација откако нацистите го прекршија пактот за ненапаѓање против Советскиот Сојуз.
Втората светска војна стана возможна поради заговорот на нехуманите режими – нацистичкиот и комунистичкиот, како и поради лицемерната „политика на смирување“ кон Хитлер од водечките земји во светот. Затоа, важно е да се памети дека слабоста, стравот и неодлучноста на меѓународната заедница ги поттикнаа агресорите на сè поголем обем на злосторства.
Денес, светската заедница мора да го земе предвид тоа горко искуство и историски лекции за да донесе соодветни безбедносни одлуки, особено во однос на руската агресија против Украина.
Денес, наследник на сталинистичкиот режим е руската федерација, која ја присвојува победата над нацизмот, манипулира со сопствените граѓани и се обидува да го заплаши светот. Кулминација на оваа агресивна политика на руската федерација беше нападот врз Украина во 2014 година и вооружената инвазија од големи размери на 24 февруари 2022 година.
Украинците со оружје во рацете сега ги бранат и Украина и Европа и даваат шанса за градење на поодржлив мир и создавање на нов, праведен, глобален безбедносен систем. Услов за тоа е победата над русија, обновувањето на територијалниот интегритет на Украина и оневозможувањето на идна агресија од страна на рускиот империјализам против која било држава.
Автор: Амбасада на Украина во Северна Македонија