Според статистика за изминативе два месеци, 33.246, граѓани, односно 73% од позитивните на Ковид 19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 75%, додека само 25% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, соопштува Министерството за здравство кое ја објавува анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид 19, во период од 6 август заклучно со 28 октомври.
Во период од шести август до 28 октомври 2021 година на територија на државата 45.621 граѓанин се позитивни од тестирани на Ковид 19, од нив 27% биле целосно вакцинирани, односно 12.375 лица.
За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6.08 до 28.10.2021 на територија на државата починале 1592 пациенти со Ковид 19, 1310 пациенти од починатите, односно 82% не биле вакцинирани, а само 18%, односно 282 примиле вакцина.
Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2, велат од МЗ.
Заклучно со 28 октомври вкупно се вакцинирани 804.151 граѓани, ревакцинирани се 774.464, а трета доза примиле 27.298 граѓани. 54% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација во Македонија е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 проценти од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина, соопшти Министерството за здравство.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.