Седумдесетгодишен маж од Чаковец, кој бил нападнат на почетокот на март, починал пред неколку дена во болница, пренесуваат хрватските медиуми. Нападот се случил на 8 март кога 36-годишен познаник го намамил во напуштена куќа во Чаковец, каде што го силувал, претепал и ограбил под закана со нож.

И покрај сериозните повреди, човекот успеал сам да стигне до болницата во Чаковец, каде што лекарите го прегледале и го пуштиле дома. Следниот ден отишол да го пријави злосторството во полиција, и повторно бил однесенво болница. Сепак, тој бил отпуштен по втор пат бидејќи лекарите процениле дека нема потреба да го задржат.

Семејството е огорчено од начинот на кој болницата постапила во случајот, истакнувајќи дека човекот бил во сериозна состојба и двапати бил отпуштен дома и покрај сериозните повреди на главата.

На крајот бил хоспитализиран во болница, каде што ги поминал последните денови од својот живот, пишуваат тамошните медиуми.

Напаѓачот, кој веќе ѝ бил познат на полицијата, бил уапсен кратко време по инцидентот. Тој е обвинет за силување и грабеж.

Канцеларијата на државниот обвинител на округот Вараждин, исто така, се огласи за случајот. Портпаролот Дарко Галиќ потврди дека истрагата е сè уште во тек.

„Со оглед на смртта на жртвата, ова повеќе не е кривично дело обид за убиство, туку убиство. Обвинетиот е во притвор. Истрагата ќе ги опфати потребните вештачења и други доказни дејствија, врз основа на кои ќе се донесе одлука за понатамошниот тек на постапката“, рече Галиќ.