Во Британија започнаа четиридневните прослави по повод 70-годишнината од стапувањето на тронот на британската кралица Елизабета Втора. 96-годишната кралица ја откри раскошната парада од балконот на Бакингемската палата.
За Британците беше најавен долг неработен викенд за последните два дена од неделата.
Според непотврдени информации, потрошените средства од трезорот по повод прославите се околу 30 милиони фунти, но се очекува приходите од туристите да ги надминат повеќекратно. Многу е веројатно дека самите Британци ќе потрошат преку 1 милијарда фунти на празникот – да купат сувенири или да прославуваат со пријателите.
Меган и Хари пристигнаа и за годишнината на кралицата, што предизвика голем медиумски интерес. Нивната ќерка, која го носи името на кралицата, денеска слави роденден, но се уште не е јасно дали Елизабета Втора ќе присуствува на прославата. Официјално е објавено само дека 96-годишната кралица ќе го пропушти омилениот спортски настан Дерби коњски трки во Епсом.
По повод годишнината објавен е конкурс за официјален десерт за платинестата годишнина на кралицата. Џема Мелвин го направила десертот инспирирана од коктелот со лимон послужен на свадбата на кралицата со принцот Филип во 1947 година.
Тортата е направена од слоеви крем од лимон – желе „Св. Климентс “, кули од мандарина и бисквити „Амарети“.