Министерството за здравство ја објави анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид-19, во периодот од 6 август заклучно со 23 декември, односно во последните четири месеци.
Како што информираат од ресорното министерство, во анализата за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од примањето на втората доза вакцина.
Во наведениот период, на територија на државата 66.857 граѓани биле позитивни на Ковид-19, а од нив 33% биле целосно вакцинирани, односно 21.806 лица.
Според статистика за изминатите недели, 45.051 граѓан, односно 67% од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 85%, додека само 15% од сите моментно хоспитализираните пациенти се целосно вакцинирани, стои во извештајот.
Во него се нагласува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.
Во периодот од 6 август до 23 декември на територија на државата починале 2.362 лица со Ковид-19, а 1.850 пациенти од починатите не биле вакцинирани, односно само 21% примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на ‘Модерна’ и ‘Џонсон’, објаснуваат од Министерството за здравство.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.