Училиштата се подготвени за сите сценарија за учење кои треба да се спроведат во учебната 2021/2022 година. Одлуката за започнување со физичко присуство е во интерес на учениците затоа што наставата со физичко присуство нема замена, не само заради процесот на учење и социјализација, туку и заради заштита на нивното менталното здравје, изјави денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска.
-Сите ние сме родители и сите ние бевме сведоци дека нашите деца учеа во минатата учебна година, но бевме сведоци и дека им недостигаа другарчињата, им недостигаа наставничките и токму таа среќа ја враќаме во очите на децата. Но, ја враќаме и среќата на наставниците, затоа што тие не се целосни доколку не се во училница, не се со своите ученици и не го пренесуваат најдоброто знаење коешто го имаат затоа што тие ги создаваат генерациите коишто треба да ја водат државата, рече Царовска која беше во посета на основното училиште „Лирија“ во Општина Чаир.
На ден пред новата учебна година, министерката им посака среќа на сите ученици и наставници, и препора доследно да се почитуваат протоколите.
-Учењето со физичко присуство е предизвик во време на пандемија, но минатата година како држава, како Влада, како Министерство, како Општини, покажавме дека можеме и дека знаеме да ги почитуваме протоколите и немаше ниту еден случај на интерна трансмисија. Јас очекувам и оваа година да биде така. Бројките ќе паѓаат и ќе се зголемуваат, тоа е период на пандемија и сите сме тука не затоа што сакаме, туку затоа што мораме, но образовниот процес мора да продолжи и во време на пандемија, рече Царовска.
Од една страна, според Царовска, ќе го заштитат образованието и образовниот процес, од друга страна имаат обврска да го заштитат јавното здравје.
Претставникот на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Патриција Ди Џовани посочи дека е многу важно што мината година кога се појави пандемијата нашата земја се борела да се приспособи на ситуацијата како и целиот свет.
-Во светот многу научивме но има уште многу да се учи од пандемијата. Многу ми е мило дека сите препораки се аплицирани во земјава и училиштата, и се надевам дека и другите мерки кои беа предложени ќе се спроведат. Можеме да видиме дека протоколите се аплицирани во училиштето Лирија во Чаир, рече Патриција Ди Џовани.
Таа напомена дека глобално над 900 милиони деца не одеа во училиште од почетокот на пандемијата. Според неа, иако дигиталното учење е добра алатка за учење, никогаш не било предвидено да стане единствената алатка за учење.
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу посочи дека сите основни и средни училишта што спаѓаат под Општина Чаир се подготвени да го започнат образовниот процес во услови на пандемија во кои сме моментално.
Со денови, нашите општински тимови ги дезинфицираа сите образовни институции со специјални алатки, додека вчера завршивме со рачно миење и со специјална машинерија на нивните дворови.
Градоначалникот напомена дека Општина Чаир од почетокот на пандемијата постави речиси 2 илјади заштитни паравани за учениците со цел тие да бидат што е можно позаштитени.
-Како што ме информираа директорите на училиштата, образовниот процес ќе се одвива според условите обезбедени од соодветните министерства и здравствени органи. Температурата ќе се мери на влезот, ќе се дезинфицира и потоа ќе се испратат децата во училниците. Се разбира, обезбедени се потребните алатки со новиот модел на образование, паметни табли, проектори, наставни помагала, но и учебници за прво одделение, рече Висар Ганиу.
Тој напомена дека грижата за учениците и за образовните институции е континуиран.