Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 60-годишен скопјанец кој му се заканувал на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Како што велат од Обвинителството, на 4 октомври, 60-годишникот со моторцикл дошол пред куќата на градоначалникот на Општина Карпош и неговото семејство, па без причина најпрвин започнал на висок тон да го навредува, а потоа и вербално да се заканува дека ќе го убие и ќе му го уништи животот. Со заканите продолжил и кон сосед кој случајно поминувал таму.

Од Обвинителството воедно додаваат:

Истиот ден, во вечерните часови, осомничениот телефонски му се јавил на градоначалникот и продолжил да му се заканува. Откако оштетениот го прекинал телефонскиот разговор, продолжил да му испраќа заканувачки пораки на вибер-апликација.

Додека оштетениот го пријавувал настанот во полициска станица, осомничениот отишол во неговиот дом, викал и упорно ѕвонел на влезната врата, вознемирувајќи ги членовите на семејството.

Јавниот обвинител на судот му предложи да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува, да воспоставува или одржува контакти со оштетените лица на кои им ја загрозил сигурноста.