Во текот на јуни, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 551 пријавено лице. Се регистрира намалување на бројот на пријавени од овчи сипаници, како во однос на претходниот месец мај – 837, така и во однос на јуни 2023 кога евидентирани биле 760 заболени, покажува најновиот месечен билтен на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за движење на заразни заболувања за јуни.
Потоа следуваат ентероколитиси, голема кашлица, салмонелози, бактериски алиментарни инфекции и интоксикации, па шуга.
– Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции, без ХИВ/СИДА, регистрирани се девет заболени лица. Од нив, шест случаи на инфекција со хламидија, два случаја на сифилис и еден случај на вирусен хепатитис Ц, пишува во извештајот на ИЈЗ.
Во јуни пријавени биле еден потврден случај на ХИВ и два случаја на СИДА, сите од машки пол. Во однос на возраста – по едно лице кое припаѓа на возрасната група од 20 до 29, од 30 до 39 и од 50 до 59 години.
– Во вкупниот број на пријавените случаи на вакцино – превентабилни болести, 98.3 проценти се случаи на голема кашлица, како резултат на тековната епидемија на територијата на град Скопје и на Куманово. Во оваа група на заболувања, регистрирани се и два случаја на заразни заушки на возраст од три односно седум години, вакцинирани согласно Kалендарот за задолжителна имунизација во Република Македонија. Дијагнозата е лабораториски потврдена. Во текот на јуни, пријавен е еден случај на мали сипаници. Се работи за шестгодишно дете од село Лабуништа, Струга, хоспитализирано на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Детето не е вакцинирано со МРП-вакцина, пишува во извештајот.
Претходниот месец, Клиниката за детски болести во Скопје го пријавила и првиот случај на акутна флакцидна парализа (АФП), во текот на 2024 година.
– Регистрираниот случај е 13,5-годишно дете од село Рогле, општина Желино, тетовско. АФП случајот е редовно вакциниран со пет дози на ОПВ согласно возраста и Календарот за имунизација. Од АФП случајот и два блиски контакта се земени примероци за вирусолошко испитување на полиомиелит и други ентеровируси, кои се испратени во Референтната лабораторија на СЗО во Софија, Pепублика Бугарија. Добиените резултати се негативни, односно во тестираните материјали не се изолирани ентеровируси, појаснуваат од ИЈЗ.
Во текот на месец јуни, пристигната била една пријава за заразно заболување кај странски државјанин – голема кашлица кај лице од Косово, кое престојувало во државава.
За истиот период, во ИЈЗ била пристигната една пријава за епидемија на заразна болест.
– На 17 јуни, ЦЈЗ – Скопје пријави епидемија на toxoinfectio alimentaris на територијата на град Скопје. Епидемијата е пријавена со седум заболени лица од вкупно 70 експонирани, кои консумирале храна подготвена во ист објект, хоспитализирани нема. ЦЈЗ – Скопје во соработка со АХВ и ДСЗИ изврши санитарно – хигиенски и епидемиолошки увид во објектот каде била подготвувана храната. Земени се материјали за микробиолошка анализа – од мостри храна, брисеви од работни површини и испироци од раце на вработените. Од страна на ЦЈЗ – Скопје, предложени се соодветни санитарно – хигиенски и против епидемиски мерки. Објектот беше затворен до добивање негативни резултати од земените материјали. Епидемијата е одјавена на 26 јуни, пишува во извештајот на ИЈЗ.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.