Со поставување камен темелник денеска стартуваше изградбата на ветерен парк во близина на Штип, каде „Алканзар енерџи партнерс“, со инвестиција од 500 милони долари ќе изгради 55 ветерници кои ќе произведуваат струја за 100 илјади домаќинства.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го означи почетокот на изградбата.
„После нешто повеќе од една година, тоа што го ветивме, денеска добива завршница – завршница на првата фаза“, изјави Мицкоски на настанот.
Инвестицијата беше најавена вториот ден по изборот на Владата, а Мицкоски ја нарече „драјвер и модел како треба да се движиме понатаму“ во секторот на обновливи извори на енергија.
Премиерот нагласи дека минатата година била рекордна по странски директни инвестиции, достигнувајќи 1,255 милијарди евра. Како индикатори за економски напредок тој ги наведе растот на извозот на земјоделски производи за 57%, зголемување на бројот на туристи за 22% и индустриски раст од 9,4% во мај.
„Не може да имате силна економија без враќање на довербата кај инвеститорите. А довербата се враќа преку дисциплина и борба против криминал и корупција“, рече Мицкоски.
Тој се заблагодари на сите институции, општини и универзитетски кадар вклучени во проектот, нарекувајќи го ветерниот парк „целосно македонски производ – од проектирање до изведба“.
„Да ни е аирлија и да ни се множат уште многу вакви инвестиции“, порача премиерот на крајот од обраќањето.
Текстот 55 ветерници ќе обезбедуваат струја за 100.000 домаќинства – започна изградбата на ветерниот парк кај Штип е превземен од МАКФАКС.