За време на пандемијата Французите заштедија 142 милијарди евра повеќе од нормално,а владата се надева дека тие во голема мерка ќе ги потрошат овие заштеди на производи или услуги во Франција за поддршка на активностите, јави дописникот на МИА.
Со здравствената криза заштедите во Франција достигнаа рекордни нивоа. Ова зголемување се должи со затворањето на активностите за време на континуираните ограничувачки мерки, а тенденцијата да се стават пари настрана продолжува и натаму. Според Банката на Франција, од крајот на март 2020 година и до крајот на првиот квартал од 2021 година, вишокот на финансиски заштеди на домаќинствата достигна 142 милијарди евра. Или, за споредба, многу повеќе од францускиот стимулативен план, дотиран со 100 милијарди евра.
Овој вишок „беше формиран особено за време на месеците кога карантинот беше најголем во 2020 година (март, април, мај и ноември)“, укажува институцијата, која додава дека овој тренд продолжил и „во првиот квартал од 2021 година“, пред третото затворање. Вториот период на ограничување, што беше помалку строг од претходните, не доведе до значително зголемување на акумулацијата, и покрај затворањето на продавниците што не продаваат основни потреби.
Националниот институт за статистички и економски студии ИНСЕЕ планираше пад од 10 отсто на потрошувачката на домаќинства за време на третите ограничувачки мерки, во споредба со нивото пред кризата, во споредба со падот од 15 отсто во ноември и 31 отсто во април 2020 година.
Добар дел од овие резултати се должат на зголемувањето од 20 отсто на неисплатените депозити на видување, со други зборови, лесно достапни и безризични пари. Последните „се зголемија за повеќе од 100 милијарди евра од крајот на 2019 година“, забележува Банк де Франс. Одредени производи, исто така, будат ентузијазам, вклучувајќи го животното осигурување, што ја враќа „енергијата“ во 2021 година и популарното штедење „книшката А“, привлекувајќи средства во текот на минатата година: во последните четири месеци, нето-наплатата на овој производ со уште многу ниска каматна стапка – 0,5 отсто – достигна речиси 15 милијарди евра, наведува Кес де Депо.
Французите остануваат претпазливи и продолжуваат да ставаат пари настрана кога и да можат. Стапката на заштеди скокна за време на кризата, од нешто повеќе од 18 отсто на крајот на 2019 година на 20,8 отсто во четвртиот квартал од 2020 година. Ниво повисоко од тоа забележано во САД, Шпанија и Италија, но пониско од тоа што се гледа во Германија.
На долг рок, извршната власт смета на парите што ги собраа Французите за време на кризата за да го поддржат економското закрепнувањето. Загрижен да ги увери домаќинствата, министерот за финансии Бруно Ле Мер цело време повторува дека владата нема да ја оданочи заштедата и нема да создаде нов данок.
-Мојата амбиција е да има што повеќе пари за да може француската економија да функционира во 2021 година“, изјави шефот на Берси за време на прес-конференцијата во март. Заштедите на Французите мора „да учествуваат во ова економско закрепнување, на очигледно доброволна основа“, додаде министерот.
Но, довербата, од оваа точка, е клучна во убедувањето на домаќинствата да ги отворат паричниците. Банк де Франс, од своја страна, очекува вишок заштеди генерирани од епидемијата во износ од 165 милијарди евра, во периодот од 2020 до 2021 година.
-Апсолутно клучен фактор оваа заштеда да се претвори во расход и во подиректна поддршка на активноста од следната година, е довербата, нагласи гувернерот на банката Франсоа Вилероа де Гало.