ПИШУВА: ЏАБИР ДЕРАЛА

500 дена од тридневната „специјална воена операција“ што ја поведе воениот злосторник и диктатор, Путин. Повеќе од десет години брутална руска инвазија.

Украинците и Украинките знаат дека на слободата не може да ѝ се стави цена. Со натчовечки напор и големи жртви, со решителност и невиден хероизам, тие ја бранат својата земја од крволочниот агресор.

Изминаа цели 500 дена од почетокот на целосната инвазија од една од светските воени супер сили, членка на Советот за безбедност на ОН, против далеку помалата, слободна, демократска и суверена држава, членка на ОН. Хероизмот и високиот морал, сенародниот и нескршлив стремеж за слобода – ја направија разликата.

Стотици села и десетици градови се уништени и срамнети со земја. Илјадници цивили, меѓу кои жени и деца, подложени на тортура, силувања и брутални егзекуции. Секојдневниот руски ракетен терор низ цела Украина уништува цели станбени блокови, училишта, болници, породилишта, објекти и споменици на културата, цркви… Се спроведува вистински екоцид со далекусежни последици по луѓето и природата. Депортираа десетици илјади луѓе, украдоа 20,000 деца… Геноцид. Втор, по Гладоморот пред 90 години.

Рашистичката клика на Путин ги претвори енергијата и храната во оружје со кое се заканува на целиот свет. Неговите медиумски мегафони Неговите орди крадат сѐ што можат, од играчки за деца до машини за перење, низ домовите на Украина. И срамно бегаат секогаш кога ќе се соочат со решителниот отпор на украинските херои и хероини, предводени од херојот на нашето време, претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Украина денес е светски и историски пример дека оружената надмоќ и бројноста на армиите не се пресудни фактори во една војна, туку праведноста на каузата, моралот и храброста. Цели 500 дена, украинските граѓанки и граѓани, жени, деца и војници на одбраната, гинат за својата, но и за слободата на целиот свет.

Вистината не можеше да ја замати ни најмоќната пропагандна машинерија на светот. Фактите за грозоморните воени злосторства го потресоа и го поттикнаа светот да покаже солидарност. Денес на сите им е јасно дека „специјалната воена операција“ за „денацификација“ на Украина е освојувачка, злосторничка и геноцидна војна и напад на демократијата и слободата на Украина и на целиот свет. И на сите им стана јасно, веројатно и на самиот архитект на злото од Кремљ, дека Украина е последната станица на рашизмот. Најголемиот страв сега не е ниту неминовниот и срамен пораз на украинските фронтови, туку сѐ поизвесната крвава разврска меѓу ѕверовите – на нивно тло. Довчерашните партнери во злото, утре ќе се свртат еден кон друг, бидејќи тие не знаат за чест и човечност, туку само за неизмерно сурово насилство и грабеж.

Кукавичката руска солдатеска и ордата од криминалци и платеници, не можејќи да постигнат успех на бојното поле, им се одмаздуваат на цивилите и природата, и предизвикуваат глад и несигурност во светот. Но злото никогаш не може да биде посилно од човечноста. Крвничкото измачување и убиства никогаш нема да ги исплашат тие што се бранат и се борат за слобода.

Затоа, на 500-от ден од целосната инвазија на руската злосторничка орда, највисока човечка доблест, должност и чест е да се поддржи украинската борба за слобода, тој неизмерен хероизам и пожртвуваноста. И ќе бидеме заедно со Украина до денот конечното ослободување и на почетокот на обновата.

Горди сме што сме со Украина.

Слава Украïни!

Превземено од Цивил Медиа