Застарените и магационирани возила на министерствата за внатрешни работи и одбрана, се прилагодуваат за гасење пожари на непристапен терен. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека годинава државата е драматично поподготвена за пожарите во однос на претходните години. Тој кажа дека пожари ќе се гасат како и досега со армиските и полициските хеликоптери како и со авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, чие дополнување ќе бидат прилагодените возила кои досега стоеле во магацини.
„Она што ќе биде новитет е дел од застарената и магационирана опрема како што се ’БТР’ 70, 80, старите ’хермелини’, ’пинцгауери’ и слично, кои што беа во магацините на министерствата за одбрана и внатрешни работи се модернизираа, обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи кои работат на висок притисок и можат да пристапуваат на непристапни терени. Тие се за тоа што многу ни беше важно, навечер кога огнот, како што велат, спие, да може да му пристапиме и да го изгасиме за да не се распламти преку денот. Се подготвуваат и многу скоро од денеска ќе бидете сведоци на една таква показна вежба, како од ништо направивме нешто. Очекувам 50-60 вакви возила да бидат подготвени со различно инсталиран волумен на вода до шест кубни метри, шест тона. Очекувам подготвени да ги пречекаме пожарите и мислам дека драматично сме многу поподготвени од претходните години“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Реплек“.
Премиерот извести дека двата авиона за гасење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се тука, а третиот се чека да пристигне од сервис.
ДЗС денес извести дека го надминале и проблемот со недостаток на пилоти за авионите за гасење пожари со тоа што повторно ги ангажирале двајцата пензионирани пилоти.