Во последните денови регистрирани се повеќе измами во Радовиш и Неготино, информира полицијата.

Поднесена е кривична пријава против Г.Б. (37) од Радовиш поради сомнение за сторено кривично дело измама на купувачи. На 10.02.2026 и во два наврати на 18.02.2026, пријавениот и неговиот малолетен син пуштиле во промет производи со ознака на позната марка, кои не одговарале на потеклото или квалитетот на оригиналните производи. На тој начин се стекнале со противправна имотна корист од 250 евра и златен накит, кој го прифатиле како замена за пари.

На 18.02.2026 тие биле затекнати во Радовиш во патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки. При преглед на возилото биле пронајдени и одземени повеќе комплети со ознака на позната марка, а кај нив биле пронајдени пари и златен накит, за кои постои сомнение дека потекнуваат од измамените лица.

Во одделен случај, на 19.02.2026 во 12:30 часот во ОВР Неготино, 76-годишен жител пријавил дека бил измамен за 4.000 евра.

„Според пријавеното, лицето побарало од оштетениот да му даде 4.000 евра за да му ги покаже на друго лице, кое го претставил како странски државјанин, а за да му докаже дека еврото е валидна валута во земјава. Како што е пријавено, тој му ги дал парите, а лицето му дало чанта со катaнец да ја чува како доказ дека ќе се врати. Откако, оштетениот ја отворил чантата сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на настанот“, велат од МВР.

Истиот ден, во 17:15 часот, 81-годишна жителка на Неготино пријавила дека била измамена за 3.000 евра. Според пријавеното, непознато лице телефонски ѝ се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка е во болница и итно треба да се изврши операција. Таа ги оставила парите на договорено место, а подоцна сфатила дека станува збор за измама.

Полицијата информира дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи.

Текстот 4.000 евра за „проверка на валута“, 3.000 евра за лажна операција – измамници хараат во Радовиш и Неготино е превземен од МАКФАКС.