34-годишен мотоциклист од Јосифово го загуби животот по сообраќајна несреќа што се случила вчера околу 14 часот на регионалниот пат од селото Јосифово кон селото Пирава, на местото викано „Железен мост“ во Валандово.

Според информациите од полицијата, во несреќата учествувале трактор „ИМТ“ со приколка, управуван од В.Т. (75) од Пирава, и мотоцикл „Сузуки“ управуван од С.К. (34) од Јосифово. При судирот, мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди.

Повредениот бил веднаш пренесен во болницата во Валандово, а поради сериозноста на повредите бил транспортиран во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде околу 17:30 часот починал.

По наредба на јавен обвинител телото е дадено на обдукција, а увид на местото на несреќата извршила екипа од ОВР Валандово.

Текстот 34-годишен мотоциклист почина по судир со трактор е превземен од МАКФАКС.