Владимир Путин ја обвини Украина за „терористички напад“ откако во ноќен напад со беспилотно летало врз училиште загинаа најмалку шест лица, а 39 беа ранети. Рускиот претседател изјави дека по нападот врз училишниот дом во Луганската област, која е под руска контрола, уште 15 лица се водат како исчезнати, пишува Sky News.
Путин ја обвини Украина за намерно гаѓање цивили и најави дека побарал предлози за одмазда од руското Министерство за одбрана. Фотографиите и видеоснимките објавени од руските власти прикажуваат спасувачи како на носила изнесуваат маж од урнатините. Се гледаат и тешко оштетени згради, од кои едната е делумно урната, како и пожари кои сè уште горат.
Украина сè уште не се огласила во врска со нападот. Нејзините сили се борат за повторно преземање на Луганск, еден од четирите региони кои Русија во 2022 година еднострано ги прогласи за свои, што Киев го смета за незаконско отцепување на територија.
Руската комесарка за човекови права, Јана Лантратова, изјави дека 86 тинејџери на возраст од 14 до 18 години спиеле во домот на Педагошкиот факултет во Старобилск кога украинските дронови нападнале во текот на ноќта.
Леонид Пасечник, највисокиот функционер поставен од Русија во Луганск, изјави дека две лица се извлечени од урнатините. Тој додаде дека спасувачите сè уште трагаат по децата заробени под урнатините. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, порача дека одговорните мора да бидат изведени пред лицето на правдата.
„Ова е монструозно злосторство. Напад врз образовна установа во која престојуваат деца и млади“, рече Песков.
„Сега најважно е да се преземе сè за да се расчистат урнатините и да им се пружи помош на оние кои сè уште се заробени под нив“, додаде тој.
Минатата недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски вети одмазда откако положи црвени рози на урнатините на станбена зграда во Киев, каде во руски ракетен напад загинаа 24 лица, вклучувајќи и три деца. Двете страни во војната негираат дека намерно гаѓаат цивилни цели.
Текстот Путин ја обвини Украина за напад врз училиште, најмалку шестмина загинати е превземен од МАКФАКС.























